Мицкоски прво сака да се усвои Акцискиот план за малцинствата, а потоа се можни уставни измени
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Самитот на Берлинскиот процес во Милочер, Црна Гора, изјави дека предуслов за уставни имени е прво да се договори Акцискиот план за малцинствата со членките на ЕУ, на кој уште нема согласност само од Бугарија. Според него, во овој процес ќе се видела вистинската намера на главните актери во ЕУ.
„За да ја видиме вистинската намера и цел на сите стејкхолдери во процесот, ние велиме предуслов за сѐ, дури и утре да се случи промена на Уставот е најпрв да го договориме Акцискиот план за малцинствата, за којшто 26 земји членки јасно велат дека немаме проблем, една земја членка вели дека имаме проблем. Ајде ние со таа земја членка да седнеме и да договориме да видиме да го направиме тој документ да биде прифатлив за сите 27 земји членки, па потоа во втора фаза да зборуваме што е тоа што ние како влада го очекуваме. Акцискиот план за малцинства е документ којшто е предуслов за да продолжиме во процесот на преговори“, нагласи Мицкоски.
Тој повторно ја нападна претходната влада велејќи дека „уставните измени секогаш ќе не потсетуваат на капитулантската политика на претходната влада на СДСМ и ДУИ. Ние се бориме, нема да отстапиме од борбата којашто се однесува за македонските национални интереси, но исто така и нема да отстапиме од нашата стратешка цел, а тоа е да бидеме дел од европското семејство, онаму каде што припаѓаме“.
Тој рече дека ги отфрла тезите на опозицијата што се однесуваат на оваа област. „Ги отфрлам сите оние тези од опозицијата, добро тие не се сега власт, ние сме, да точно, ама кога бевте власт толку ја ограбивте, ја пониживте државата што ние во овие 25 месеци не можеме сето тоа да го повратиме“, нагласи премиерот.