Нова опрема, услуги и нов кадар во болницата во Кичево, се работи на изградба на новата болница


 Новата болница е наша цел и активно работиме на реализација на овој проект. Но, граѓаните на Кичево и околината не можат да чекаат додека таа се изгради. Затоа, не чекаме болницата ја зајакнуваме уште сега, со нова опрема, нови услуги и нов кадар, истакна денеска министерот за здравство Сашо Клековски по посетата на Општата болница во Кичево.

Тој одржа прес-конференција заедно со директорката на болницата, д-р Маја Цветаноска Трајковска и градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски, за новата болница и за намената на постојниот објект.

Настанот е во рамки на работната посета на здравствените установи во југозападниот регион, која ги опфати и Специјалната болница за нефрологија и Општата болница во Струга.
 
Министерот ги истакна најзначајните новини кои минатата и оваа година за првпат се воведуваат  во болницата: имунолошки апарат за анализа на тумор-маркери, хормони, Д-димери, срцеви маркери (тропонин) и алерголошки панели, гасен анализатор за брза процена на итни и тешки пациенти, нов анестезиолошки апарат со капнограф и ново LED операционо светло, а во тек е набавка на видеоларингоскоп и автоклав, нов гастроскоп за подобра дијагностика, четворица специјализанти и четворица доктори по општа медицина се трајно вработени, а за уште пет специјализанти постапката е во завршна фаза.

– Опрема без кадар не значи ништо, а кадар без опрема не може да работи. Во Кичево ги градиме двете истовремено — за пациентот да добие дијагноза и лекување тука, во својот град, без да патува до Скопје, истакна Клековски.

Директорката на болницата, Цветаноска Трајковска ја истакна важноста на новата опрема – во радиологијата болницата доби нов дигитален рендгенски апарат, нов дигитален мамограф и ехо-апарат 3D/4D со еластографија, донација од Општина Кичево.

Во РТГ кабинетот во 2025 година се реализирани околу 19.500 прегледи: рендгенски, компјутеризирана томографија, мамографии и ехо-прегледи на дојка.
 
– Имунолошкиот апарат ,,Siemens ImmuLite 2000 System” ни овозможува анализи кои претходно не можевме да ги правиме во установата, а биохемиската лабораторија годишно опслужува 28.000–30.000 пациенти. Гасниот анализатор EDAN е од особено значење за брза проценка на метаболичкиот и респираторниот статус, особено кај итни и тешки пациенти. Анестезиолошкиот апарат „Dräger Fabius plus XL“ со капнограф овозможува подетално следење на пациентот за време на интервенцијата, а во оперативниот блок годинава се извршени над 200 хируршки интервенции. Новиот гастроскоп ја подобрува дијагностичката проценка, а со него се направени околу 100 прегледи“, потенцираше директорката.

Градоначалникот на општина Кичево, Јовановски истакна дека кичевчани заслужуваат нова болница и Општината ќе продолжи да дава поддршка за нејзина реализација. 

– Веќе покажавме дека даваме поддршка за болницата, со најновата донација на ехо-апарат 3D/4D со еластографија, кој денес им служи на пациентите во Кичево. Сè што е во наша можност, ќе го направиме за граѓаните да добиваат квалитетна здравствена заштита во својот град“, истакна градоначалникот Јовановски, потенцирајќи ја одличната соработка со Министерството за здравство.