Дури 51 милион евра не се префрлени во вториот пензиски столб, објави СДСМ


Фото: Б. Грданоски

 

Опозициската СДСМ вели дека власта на Христијан Мицкоски ги довела во ризик пензиските заштеди на повеќе од 650.000 граѓани, на сите родени после 1 јануари 1967 година кои се во вториот пензиски столб. Тоа вчера на собраниската говорница го објави пратеникот Јован Митрески, а за случајот денеска зборуваше и потпретседателката на партијата и пратеничка, Јована Тренчевска.

„Мицкоски и неговата банда го доведоа Фондот за ПИОМ до сериозна финансиска неодржливост. Дупката во ПИОМ ја зголемија на една милијарда евра.

Сега го загрозија и вториот пензиски столб. Ја искрадоа државната каса за криминални тендери, ја задолжија државата со милијарди евра нови долгови, сега посегнуваат и по личните пари на граѓаните.

Нема пари за работниците, нема пари за пензионерите, нема при за повисока минимална плата. Нема пари земјоделците. Нема пари за повисок студентски оброк. 

Префрлањето пари во вториот пензиски столб не е волја на Мицкоски, туку законска обврска на директорот на Фондот за пензиско осигурување.

Има законски рок од 5 дена во кој мора ги префрли парите во вториот пензиски столб“, рече Тренчевска.

СДСМ бара реакција од Јавното обвинителство и кривична одговорност, а парите веднаш да бидат префрлени.