Награда за МВР за проектот „Безбеден град“ на Светскиот полициски самит


 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја прими престижната награда Excellence in Road Safety, која Македонија ја освои за проектот „Безбеден град“. Наградата му беше врачена на официјалната церемонија во рамките на Светскиот полициски самит 2026 во Дубаи.

„Ова е значајно меѓународно признание за Македонија, за македонската полиција и за реформата со која поставуваме нови стандарди во безбедноста на сообраќајот. Покажавме дека Македонија има капацитет да создава современи решенија, да спроведува суштински промени и да биде препознаена на светско ниво“, наведува Тошковски во објавата на Фејсбук.

Министерот нагласува дека оваа награда му припаѓа на секој македонски граѓанин кој веруваше во оваа промена, ја поддржа и со својот придонес стана дел од заедничката мисија за побезбедни патишта.

„Но, ова признание не е крајната цел. Тоа е дополнителна одговорност да продолжиме со уште поголема решителност во она што е најважно, да го намалиме бројот на сообраќајни несреќи, да спречиме трагедии и да заштитиме што повеќе човечки животи“, пишува Тошковски во објавата.

Станува збор за значајно меѓународно признание за реформите што МВР ги спроведува во областа на безбедноста на сообраќајот. Проектот „Безбеден град“ претставува системски пристап кон унапредување на сообраќајната безбедност, кој ги обединува современите технологии, законските измени, автоматската детекција на прекршоци и дигитализацијата на постапките, со крајна цел намалување на сообраќајните несреќи и заштита на човечките животи, наведува МВР во соопштение.