Јаневска: Со ребаланс на буџетот ќе се плати и струјата за УКИМ
Електрична енергија на УКИМ има. Точно е дека има долгови за електрична енергија, меѓутоа, вчера, во „Службен весник“ излезе ребалансот на буџетот, долговите редовно ги сервисираме – изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Некои од факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и зградата на Ректоратот вчера немаа електрична енергија поради неплатени сметки кон операторот што ги снабдува. По неколку часа, струјата им беше вклучена, но, како што објавија некои медиуми, им бил даден рок долгот да биде намирен до петок.
Според Јаневска, факултетите не треба да стравуваат од повторно исклучување.
– Ние ги сервисираме редовно тие долгови и длабоко сум убедена дека ќе немаме ваков проблем – рече министерката по посетата на Институтот за историја на Филозофскиот факултет на УКИМ по повод 80 години од неговото основање.
Во врска со поплаки од студенти дека кај сите не функционираат дигиталните билети за превоз во автобусите на ЈСП „Скопје“, а во меѓувреме градското сообраќајно претпријатие им ги укина хартиените, Јаневска одговори дека не е запозната дека има проблем.
– Но доколку и има проблем, длабоко сум убедена дека раководството на ЈСП итно ќе им го реши тој проблем на студентите – додаде Јаневска.