ВМРО „плаче“ дека судството било на СДСМ, СДСМ обвинува дека е заробено од власта


Кој е крив што нема правда во Македонија и сите обвинети се ослободуваат – е  тема за политичко препукување меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ која трае без никаков ефект на состојбите во државата. Утрово СДСМ ја искритикува власта дека иако поминаа 18 месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која згаснаа 63 млади животи, а 193 лица беа повредени, правдата за Кочани се „топи“ пред очите на јавноста. Причина за тоа, според нив, е заробеното судство кое е под целосна контрола на Мицкоски и  ги штити своите, а жртвите и нивните семејства ги остава без одговори и без правда.
 
-Повеќе од две години власта на Мицкоски ги контролира полицијата, обвинителството и судството. Диктира задачи на обвинители и судии преку телефон, од собраниска говорница, преку телевизија. Дискредитира и навредува обвинители јавно. Поставува свои советници за судии, сопруга на ексградоначалник на ВМРО во Судскиот совет,  обвинителка поврзана со Сашо Мијалков. И каков е резултатот? Наместо брза и неселективна одговорност, гледаме одолжување на постапките и ослободување на лица поврзани со случајот.
 
Сега и „Газда Деко“ е пред слобода. Мицкоски тврдеше дека ќе се повлече од политиката ако се докаже дека обезбедувањето во „Пулс“ е поврзано со ВМРО.Како и за сè друго што им ветил на граѓаните – излажа. Ниту се повлече, ниту понесе одговорност, ниту обезбеди правда.
 
Додека Мицкоски зборува за „талог“ и „елита“, додека седи до државниот јавен обвинител и испраќа закани, родителите на загинатите повторно гледаат како институциите ја погребуваат правдата. Ова веќе не е изолиран случај. Ова е систем. Го ослободуваат Груевски. Го ослободуваат Латас. Враќаат имот стекнат со криминал на ВМРО-ОКГ. Телохранители на Мицкоски кои тепаат жени се спасуваат од одговорност. Нема одговорност за петте тони дрога пренесени преку граница. Нема одговорност за криминалните тендери вредни 200 милиони евра. Нема одговорност за водата во Гостивар, за загадените реки.
Нема одговорност за тепањето млади во Ново Село. Така изгледа „правдата“ на Мицкоски – заштита за моќните и неправда за жртвите, заклучуваат од СДСМ. 
 
Од партијата притоа бараат целосна, неселективна и вистинска одговорност за секој што дозволил, овозможил или прикривал незаконско работење во „Пулс“.
 
-Никој не смее да биде заштитен поради партиска книшка, функција или блискост со криминалната банда на власт. Правдата за Кочани не смее да се разводни. 
Правдата за Кочани не смее да се одложува. Правдата за Кочани не смее да истече, порачаа од СДСМ.
Власта пак, која инсталираше свои обвинители и судии на повеќе позиции  затвора очи пред овие случаи со завршница од која профитираше и иако е две години на власта, ги посочи со прст обвинителите и судиите  „на СДСМ и ДУИ“ како одговорни што пропаднаа случаите за Лескарци, за мазутот, за модуларната болница 

 

Портпаролот Валентин Манасиевски оцени денес дека кога трагата за криминалот води кон политички и бизнис структури поврзани со СДС и ДУИ, „нивните инсталации во правосудството ја ставаат правдата во втор план“.

-Со години гледаме како мал дел на корумпирани судии и обвинители работеа под принципот за едни законот да важи веднаш, а за луѓето на СДС и ДУИ, предметот да заврши поинаку.На судиите и обвинителите кои мислат дека и понатаму можат да одработуваат за старите центри на моќ, треба да им биде јасно дека времето на СДС и ДУИ заврши, а мора да заврши и времето на нивната заштита во правосудството.Македонија заслужува независно судство и обвинителство, а не политички бастион.

Не може за случајот со модуларната болница да нема виновници. Не може за случајот Ласкарци да се укине пресудата. Не може за случајот Мазут, вреден 167 милиони евра, да нема ниту истрага. Токму затоа довербата во правосудството е на дното. А правда мора да има. Одговорност мора да има и законот мора да важи еднакво за сите, порача во уште изјава за сеење магла портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи на сите граѓани им е јасно одамна дека нема гонење на корупцијата.