Кос предлага новите членки на ЕУ да се откажат од правото на вето и заштитната клаузула


 

Според нацртот на реформата, аранжманот со кој нова членка на ЕУ би се откажала од правото на вето за одреден период би можел да има форма на декларација што би го придружувала договорот за членство. Дел од реформата се и дополнителни механизми за заштита што би се применувале за новите членки на ЕУ кои покажуваат сериозно назадување, пишува table media. Преку тој механизам, ЕУ би имала право да ѝ одбие финансиски средства на новата членка и за ограничен период.

 

Во нацрт-законот за реформи, се предвидува можност ЕК да предложи новата членка на ЕУ привремено да биде суспендирана од донесување одлуки во Европскиот совет и Советот на ЕУ, односно конкретно е наведено дека правото на глас ќе биде одземено.

Нацрт-законот за реформи го подготви комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, а во него се наведува дека поголема ЕУ бара побрзо и поефикасно донесување одлуки. Кос планира да презентира нацрт-закон наречен „Анализа на политиките пред проширувањето“ на 30 септември.

Како дел од чекорите за забрзување на донесувањето одлуки во новата, потенцијално значително поголема ЕУ, се предвидува дека секогаш кога е можно, наместо консензус, одлуките ќе се донесуваат со квалификувано мнозинство. Се додава дека наједноставниот начин да се направи ова е да се искористи можноста за пофлексибилно донесување одлуки без измена на Договорот за функционирање на ЕУ, кој предвидува задолжително едногласно донесување одлуки во надворешната и безбедносната политика и одредени финансиски прашања. Сепак, би била вградена и „рачна сопирачка“, која предвидува можност членката да го проследи спорното прашање до Европскиот совет. Исто така, се споменува механизмот од Јанина, кој предвидува колкав процентен удел во вкупното население на ЕУ и удел во бројот на членки на ЕУ е потребен за да се блокира одлуката.

Комисијата сака да ги подготви главните институции на ЕУ за новата, поголема Унија. Еден од предлозите е да се намали бројот на членови на Европската комисија на две третини од бројот на членови, што значи дека секоја земја нема да има свој европски комесар како порано.