ЛДП: Перпарим се суди за 8,3 милиони евра потрошена дивиденда, Владата се фали за потрошените 5,5 милиони


 

Додека поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, се соочува со судови и притвор за потрошени 8,3 милиони евра дивиденда, новата Влада гордо организира прес-конференција за да се пофали како потрошила 5,5 милиони евра од истата таа дивиденда – коментира денес ЛДП, прашувајќи – како е можно ова да се случува симултано, дали за оваа Влада ова е нормално и до кога мислат да ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните?

-Дали можеби Перпарим се врати во државата за лично да им даде рецепт како да ги дособерат и преостанатите 3 милиони евра? Па, потоа по веќе воиграното сценарио да се повлечат една-две години во странство, договорено да си се вратат дома, да си организираат избори и да се надеваат дека народот ќе го заборави целото ова лудило како уште една безуспешна приказна?

За нивна несреќа, не живееме во камено доба. Живееме во дигитално време каде што сѐ се зачувува, сѐ се следи и сѐ останува трајно забележано. Европската Унија многу внимателно ги гледа овие институционални гимнастики и сѐ ќе биде прецизно нотирано во претстојните извештаи за владеење на правото и корупција, оценува ЛДП забележувајќи дека ќе бидат потребни не еден туку пет дата центри за да се обработат сите  небулозни оправдувања, пропаганди и лудории што ги прави Владата на дневна основа.