Јанушев го обвини СДСМ дека измислувале „врска“, се огради од постапките на приведениот возач-митаџија


Нема ситуација во која СДС нема да се обиде да измисли, конструира и изврти нешто што нема никаква допирна точка со реалноста. Целосно ја поздравувам и ја поддржувам акцијата на надлежните институции за спречување на корупцијата, како и храброста и решителноста на граѓанинот кој го пријавил барањето за мито и соработувал со институциите за случајот да биде откриен и процесуиран. Само со таков однос, пријавување, постапување и неселективна одговорност можеме да изградиме општество во кое корупцијата нема да се премолчува и толерира. За вакви постапки мора да има нулта толеранција, без разлика кој е сторителот, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од фејсбук статусот на генералниот секретар на Владата Игор Јанушев.

„Во однос на мене лично, сакам да бидам кристално јасен дека целосно се оградувам од постапувањето на приведеното лице. Неговото постапување нема никаква врска со мене, со мојата функција, со моето работење или со каква било моја одлука или постапка. Лицето е возач кој во минатото работел и кај други функционери, а на позицијата возач кај генерален секретар е само околу шест месеци. Неговото незаконско постапување е исклучиво негова лична одговорност и за стореното треба да одговара пред надлежните институции“, вели Јанушев.

Тој им порача на „сите оние кои мислат дека на ваков начин можат да дојдат до пари“ или дека „ваквото работење може да им се исплати“ дека со оваа Влада, со институциите кои постапуваат и со неговото работење како поединец и како дел од системот, „криминалот нема да ви биде исплатлив“.

„Нема да дозволам нечии незаконски постапки да го валкаат угледот на луѓето кои чесно, одговорно и деноноќно работат за резултати, ниту ќе дозволам со такви постапки да се фрла сенка врз работата што ја вложуваме секој ден“, порача Јанушев.

Јанушев реагира и на соопштенијата на СДСМ во врска со заменшаноста на возачот вработен во делот кој што го раководи, и според него станува збор за „крајно несериозно и политички бедно“ тоа што СДСМ „повторно се обидува од конкретен случај да произведе политичка конструкција“.

„Кај нив очигледно нема ситуација во која нема да се обидат да измислат „врска“, да извртуваат факти и да фрлаат клевети, само за да создадат политичка приказна таму каде што не постои“,, вели Јанушев.

Според Јанушев, таквата конструкција била целосно промашена.

„Нивниот проблем е што не можат да прифатат дека денес институциите постапуваат. Не можат да прифатат дека никој не смее да биде заштитен ако го прекршил законот. И токму затоа денес се обидуваат да ја претстават како проблем акцијата која всушност покажува дека системот функционира. Нема да дозволам нивните политички конструкции да ја сменат вистината“, вели тој.

Јанушев додава дека корупцијата треба да се пријавува, институциите треба да постапуваат, а секој што ќе го прекрши законот треба да одговара без оглед на функција, партија или близина со кој било функционер.

„Тоа е нашата позиција. А СДС, наместо да измислува приказни, нека се соочи со фактот дека времето на заштита од одговорност заврши“,, се вели во неговата реакција.