Божиновска очекува до јуни идната година да биде готов гасниот конектор со Грција, а до крајот на 2027 и со Србија
Воспоставивме Министерство за енергетика пред само две години, а денес веќе го градиме интерконекторот. Многу работи се случија изминатите две години. Но она што е исклучително важно е регионалната соработка. Секогаш е многу добро кога имате соработка, особено со соседите, а интерконективноста значи многу бидејќи не можете да бидете остров, не можете да бидете изолирани кога зборувате за енергија – рече денеска министерката за енергетика Сања Божиновска на панелот во рамките на 6. Метрополитен самит во Солун.
Како што истакна Божиновска, многу работи се случија изминатите две години.

Денес, две години подоцна, ги имаме целите: в година ќе бидеме, се надевам до јуни, најдоцна јули, готови со грчкиот дел од нтерконекторот, а до крајот на годината и со српскиот дел. Тоа значи ќе имаме алтернатива, а кога имате повеќе алтернативи, секогаш е подобро. Можеме исто така да бидеме и снабдувач за Југоисточна Европа и мислам дека ова е многу добро – истакна Божиновска.
Според неа, идниот месец ќе има уште една средба на министрите како онаа во Атина.
– Ова е многу важно и многу добро, да се среќавате и да разговарате – кои се предизвиците, каде треба да се подобриме. Се договоривме квартално да се среќаваме во земјите. Ова ќе биде наш втор состанок. Сите научивме дека колку што е значајна соработката, толку е важна и посветеноста да се испорача – истакна Божиновска.

Таа потенцира дека за Владата е секогаш најбитен бенефитот на граѓаните.
– Секако, не можете да добиете „да“ од секој човек во врска со проектите што ги спроведувате, но на крајот тоа ќе се види на следните избори каков е одговорот. Настрана од Грција и Бугарија, ние немаме гасификација во целата земја, така што почнавме со градење. Сакаме и другите градови да имаат централно греење, во моментот има само главниот град. Бенефитот од поврзувањето е придобивка за граѓаните и мислам дека тие ќе видат, не веднаш, но ајде да кажеме на среден рок, за 3 до 5 години – истакна министерката.

Се размислува, додаде, и за базичната енергија.
– Затоа земјата има програма за праведна транзиција, има многу инвестиции за да можеме постепено да го исфрлиме јагленот од употреба, но тоа не е толку лесно, ни едноставно. Ни требаат многу инвестиции и сакаме тоа да биде праведно за сите луѓе што работат во рударството, мора да се грижиме за луѓето што всушност работат таму, да ги преквалификуваме, доквалификуваме. Тоа е многу комплициран процес, но мислам дека со 58 проценти обновливи извори сме на добар пат – рече Божиновска на панелот.
Попладнево, во рамките на 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа (SEEF), Божиновска ќе го потпише меморандумот за соработка, со што Македонија и официјално се приклучува кон Вертикалниот гасен коридор.