(Фото) Овие камиони и метларки ќе го „светнуваат“ Скопје


Фото: Б. Грданоски

Повеќе од 40 камиони за собирање отпад од контејнерите, но и метларки и цистерни денеска се паркирани, посторени на паркингот кај салата „Борис Трајковски“ во Скопје, а од таму уште денеска треба да тргнат во поход против ѓубрето во главниот град.

Фото: Б. Грданоски

„Во четврток правиме промоција на новите камиони за комунална хигиена кои што конечно ни стигнуваат. Од четврток вечерта веќе ќе почнат да функционираат низ градот“, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на последната седница на Советот на Град Скопје посветена на советнички прашања. 

Тој додаде дека освен овие 40 нови камиони, Градот самостојно и преку донација набавил уште три специјализирани камиони за собирање отпад.

Фото: Б. Грданоски

„Освен набавката на камиони од страна на државата преку Град Скопје, по пат на донација добивме еден камион и дополнително уште два коишто ги субвенциониравме ние, имаме три камиони кои самостојно ги набавивме како Град Скопје и ‘Комунална хигиена’“, вели Ѓорѓиевски.

И премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на промоција на комунални возила, на паркингот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Исто така, тој најави дека од Владата ги очекуваат другите камиони за собирање отпад, а во меѓувреме ќе бидат направени уште две претоварни станици, едната во Карпош, за Карпош и за Ѓорѓче Петров, а другата во Гази Баба, за да се растовари притисокот на постоечките. (Б.Б.)