95. Оскари на 12 март ексклузивно на МРТ со Миланка Рашиќ


Македонската Телевизија ексклузивно ќе го емитува 95-то доделување на Оскарите  в недела, 12 март. Академијата за филмски уметности и науки ќе ги награди најдобрите остварувања во 2022 година. Доделувањето на најпрестижните филмски награди во светот, кое ќе се одржи во театарот Долби во Холивуд , ќе го пренесуваат преку 200 земји во светот.

Миланка Рашиќ,  ТВ автор и продуцент, и оваа година ќе биде коментатор на доделувањето на филмските награди Оскар, во ексклузивниот директен пренос на МРТ.

В недела во 21.30 на МТВ1 започнува емисијата „Во кадар“ посветена на наградите Оскар, а од 22.25 следи филмот добитник на 8 Оскари „Милионер од гетото“. 

Ноќта на Оскарите ќе започне 20 минути по полноќ, со пренос од Црвената патека.

95-та Оскаровска церемонија ќе започне во 2 часот по полноќ.

Скратена снимка од 95-те Оскари®  ќе се емитува во вторник во 21.15 на МТВ 1. 

Годинава, по трет пат, церемонијата ќе ја води Џими Кимел, а се знаат и презентерите.

 

Потврдено е и дека Ријана ќе настапи со “Lift Me Up“ од „Black Panther: Wakanda Forever“. „Lift Me Up“, со музика на Темс, Ријана, Рајан Куглер и Лудвиг Горансон и текст на Темс и Рајан Куглер, е номинирана за оригинална песна. Ова е прва номинација за Оскар на Ријана.

Независниот научно-фантастичен хит „Сè секаде одеднаш“ доби 11 номинации за Оскар. Покрај него, номинација за најдобар филм добија и „Тажачките од Инишерин“, „На западот ништо ново“, „Аватар: Патот на водата“, „Елвис“, „Фабелманови“, „Тар“, „Топ ган: Маверик“, „Триаголник на тагата“ и „Жени зборуваат“.

Кејт Бланшет („Тар“), Ана де Армас („Русокоса“), Андреа Рајсборо („За Лесли“), Мишел Вилијамс („Фабелманови“) и Мишел Јео („Сè секаде одеднаш“) се номинирани за најдобра актерка, а за Оскарот за најдобар актер ќе се борат Остин Батлер („Елвис“), Колин Фарел („Тажачките од Инишерин“), Брендан Фрејзер („Кит“), Пол Мескал („Aftersun“) и Бил Нај („Живеење“).

За најдобар режисер конкурираат Мартин Мекдона за „Тажачките од Инишерин“, Даниел Кван и Даниел Шајнерт за „Сè секаде одеднаш“, Стивен Спилберг за „Фабелманови“, Тод Филд за „Тар“ и Рубен Естлунд за „Триаголник на тагата“.

За најдобра споредна женска улога номинирани се Анџела Басет („Блек Пантер: Ваканда засекогаш“), Хонг Чау („Кит“), Кери Кондон („Тажачките од Инишерин“), Џејми Ли Кертис и Стефани Хсу („Сè секаде одеднаш“), а кај мажите Брендан Глисон, Бери Кјоуген („Тажачките од Инишерин“), Брајан Тајри Хенри („Causeaway“), Џуд Хирш („Фабелманови“) и Ке Хуј Кван („Сè секаде одеднаш“).

Во конкуренција за најдобар странски филм се „На западот ништо ново“ (Германија), „Аргентина, 1985“ (Аргентина), „Блиску“ (Белгија), „Тивката девојка“ (Ирска) и „ЕО“ (Полска).