ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски “ во Хром добива нови осум училници
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски денеска во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука, Весна Јаневска поставија камен-темелник за доградба на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски “ во населба Хром.
„Уште еден голем чекор за подобро образование, подобри услови и посилна иднина за нашите деца“, истакна Стојкоски.

Со овој проект се обезбедуваат: осум нови училници, 770 метри квадратни нов училишен простор, услови за едносменска настава, како и современа и поквалитетна средина за учениците и наставниците.
„Ова е трето училиште во Ѓорче Петров кое добива доградба во само еден месец. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на работа, план и силна посветеност. Инвестираме таму каде што најмногу вреди – во децата, во образованието и во иднината на Ѓорче Петров“, порача градоначалникот.
„Би сакал што е можно повеќе вакви објекти да можеме да почнеме, како резултат на што е можно повеќе дечиња коишто би си родиле најпрвин, а потоа би дошле до оваа фаза на своето образование… Ценам ваквите проекти само се додадена вредност во квалитетот на животот на граѓаните, пред сè на децата, бидејќи сето ова ние го работиме за нив. Да го оставиме за нив. Тие се тие коишто ќе го наследат сето ова коешто ние го работиме“, рече премирот Мицкоски.
Станува збор за инвестиција во вредност од 30,6 милиони денари, обезбедени преку
повик на Владата за финансирање на капитални инфраструктурни проекти во областа
на образованието. Изградбата на објектот ќе овозможи во училиштето од следната
година да се воведе едносменска настава.
Минатиот месец во општина Ѓорче Петров започна и доградувањето на нови училници
во рамки на основните училишта „Страшо Пинџур“ и „Јоаким Крчоски“. Целта е опфат
на повеќе деца и воведување едносменска настава која обезбедува повеќе придобивки
за најмладите.