Турско знаме подигнато пред општина Кичево
Покрај македонското и албанското знаме, од вчера официјално се вее и турското знаме пред зградата на Општина Кичево. Свечената церемонија на подигнување на знамето се одржа во пресрет на 21 декември, Денот на наставата на турски јазик.
На настанот присуствуваа турскиот амбасадор во Скопје Фатих Улусој, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, градоначалникот на Кичево Александар Јовановски, претседателот на ТДП Зулфикар Зејнула, како и бројни граѓани.Амбасадорот Улусој истакна дека церемонијата има посебно значење, бидејќи се одржува во пресрет на 21 декември.
„Задоволни сме што церемонијата на кревање на нашето знаме со полумесечина и ѕвезда се одржа во пресрет на Денот на турската настава. Подготвени сме да ја обезбедиме бараната институционална поддршка за зголемување на употребата на турскиот јазик, како службен јазик, во Кичево“, изјави Улусој.
Градоначалникот Јовановски нагласи дека подигнувањето на турското знаме е симбол на почит, пријателство и долгорочна соработка.
„Во официјална и почитувана атмосфера ги нагласивме добрите традиционални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, особено на локално ниво. Општина Кичево ќе продолжи да ги негува вредностите на мултикултурализам, меѓусебно почитување и соработка“, истакна тој, честитајќи им го празникот на припадниците на турската заедница.
Министерот Лимани, обраќајќи се на присутните, порача дека турскиот јазик е составен дел од културното и јазичното богатство на државата.
„Преку образованието на мајчин јазик се зајакнува чувството на припадност, еднаквост и достоинство, особено кај помладите генерации. Горди сме на богатото културно наследство и на одличните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Турција“, рече Лимани.
Со свеченоста во Кичево уште еднаш беше потенцирана определбата за инклузивни политики и градење општество во кое различностите претставуваат заедничка вредност.
Образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, длабока цивилизациска вредност и уставна определба. Со оваа порака премиерот Христијан Мицкоски денеска го честиташе 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик.
Во честитката која тој ја објави на социјалната мрежа Фејсбук, се нагласува дека наставата на турски јазик е нераскинлив дел од македонското историско и општествено наследство, кое директно придонесува за градење на образовен систем темелен на почит и еднаквост.
Мицкоски вели, одговорноста е голема – да се обезбедат услови секое дете да има пристап до квалитетно образование, без разлика на неговиот мајчин јазик.
„Овој ден нè потсетува дека образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба. Преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности се претвораат во заедничко богатство на државата. (…) Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, во заедништвото и во иднината на државата“, стои во честитката.