Чешката полиција претвори запленето „ферари“ во патролен автомобил
„Ферари 458 Италија“ може да брка бесни возачи со 320 километри на час
Полицијата во Чешка го претвори „ферарито“ со голема моќност што го заплени од криминалци во патролно возило способно да ги брка бесните возачи со брзина до 320 километри на час.
„Ферари 458 Италија“ од 2011 година порано беше обоен во тркачко црвено, но властите го обоија со жолти и сини рефлектирачки ленти и поставија панел со светла на врвот. Ќе се користи за бркање украдени автомобили и за сузбивање на нелегални друмски трки, се вели во соопштението на полицијата.
Додека слични модели можат да достигнат цена од 240.000 евра, чешката полиција истакна дека суперавтомобилот не е луксузен купен; тие го модифицираа за околу 13.000 евра, за што рекоа дека е иста цена како нов хечбек „шкода“.
Возилото ќе го користи специјален оддел за надзор и ќе го управуваат само обучени полицајци.
Јиржи Зли, шеф на полицискиот оддел за сообраќај, рече дека автомобилот ќе се користи на национално ниво против некои од „најагресивните“ криминалци на чешкиот пат.
Полициските сили на земјата не се првите што користат спортски автомобили. Италијанските службеници имаат партнерство со „Ламборџини“и ги користат нивните автомобили за транспорт на итни резерви на крв до местата на несреќата. Во Дубаи полицијата управува со цела флота суперавтомобили.
Чешката полиција соопшти дека „ферарито“ не е највредното или најреткото возило што го заплениле – 900 автомобили биле конфискувани минатата година. Огромното мнозинство, велат тие, се препродаваат, а приходите се користат за покривање на штетата предизвикана од прекршителите.
„Ние чуваме некои возила за службени должности“, соопшти полицијата. „Сепак, ова не се толку луксузни автомобили како ‘Ферари’“.