5 ноември во историјата – Наредбата е дадена: Бомбардирајте го Перл Харбор
На 5 ноември 1941 година, Комбинираната јапонска флота доби строго доверлива Наредба бр. 1. За нешто повеќе од еден месец, американското пристаниште на Хаваите, Перл Харбор, ќе биде бомбардиран, заедно со Малаја (сега позната како Малезија), холандските Источни Индии и Филипините.
Односите меѓу Соединетите Држави и Јапонија брзо се влошуваа по јапонската окупација на Индокина во 1940 година и имплицитното заканување на Филипините (американски протекторат), со окупацијата на поморската база Кам Ран на приближно 1.300 киометри од Манила. Американската одмазда вклучуваше запленување на сите јапонски средства во Соединетите Држави и затворање на Панамскиот канал за јапонскиот превоз. Во септември 1941 година, претседателот Рузвелт издаде изјава, подготвена од британскиот премиер Винстон Черчил, дека се заканува војна меѓу Соединетите Држави и Јапонија доколку Јапонците дополнително навлегуваат на територијата во Југоисточна Азија или во Јужен Пацифик.
Јапонската војска долго време доминираше во јапонските надворешни работи; иако официјалните преговори меѓу американскиот државен секретар и неговиот јапонски колега за намалување на тензиите беа во тек, Хидеки Тоџо, воениот министер кој наскоро ќе биде премиер, немаше намера да се повлече од заземените територии. Тој, исто така, ја толкуваше американската „закана“ од војна како ултиматум и се подготви да го зададе првиот удар во јапонско-американската конфронтација: бомбардирањето на Перл Харбор.
И така, Токио ја достави наредбата до сите релевантни команданти на флотата, да бидат нападнати не само Соединетите Држави – и нивниот протекторат Филипините – туку и британските и холандските колонии во Пацификот. На Западот требаше да му се објави војна.