3D дизајнот и AI не се експеримент, туку нова работна реалност (фото)
Првиот ден на FWSK 32 powered by UniBank, синоќа, во „Дајмонд мол“, (AreaSpace, 2 кат) не се обиде да остави впечаток. Тој постави рамка. Преку културна дипломатија, со ексклузивната ревија на кинеските дизајнери Zhou Jin, Gong Hangyu, Jiang Xiaoxi и Chen Ziyue и нивните суптилни колекции на облека од свила и накит, технолошката иновација преку изложби и презентации и едукативен контекст, стана јасно дека ова повеќе не е настан што следи трендови, туку платформа што создава услови. По триесет и две сезони, модата тука повеќе не се појавува. Таа се гради. Континуирано, со јасна структура.
Кинеска мода на Моден викенд Скопје: Вечер на естетски спектакл од свила (фото)
По ревијалниот дел, вториот дел од вечерта го промени медиумот — од материјално кон дигитално, од форма кон процес. Изложбата „3D & AI во модата“, финансирана од Европската Унија и поддржана од Green Land Group, како дел од проектот DigiFashTech, ја постави модата во контекст во кој 3D дизајнот и вештачката интелигенција повеќе не се експеримент, туку нова работна реалност.
Презентациите се одвиваа без дистанца, директно во рамките на самите инсталации — кратко, прецизно и непосредно, како разговор меѓу авторот и публиката.
Никола Ефтимов ја третира модата како простор на трансформација, со визуелен јазик што ја преведува традицијата во современ дигитален контекст — без носталгија, но со јасна референца.

Емилија Славкова, со „From Clayto Code“, ја следи жената како континуитет низ времето: од физичка форма до дигитална структура што не го губи идентитетот, туку го трансформира.

Ангела Доневска, во соработка со Neonflex.mk, со „Deep Within“, создаде холограмско искуство инспирирано од морските екосистеми, каде што модата функционира и како визуелен, и како етички простор.

Проектот на Александра Филипова и BlackBello ја поставува модата како систем — процес штоз апочнува како идеја и завршува како структура способна за развој и адаптација.

Цветанка Гаревска Јаневска работи на пресекот меѓу телото и дигиталната форма, отворајќи прашања за тоа како виртуелниот простор ја редефинира физичката присутност.
Lirka, со својот дигитален поглед на модната визуализација, понуди поинаква естетика и нов визуелен ритам, отворајќи простор за читање на модата низ современи дигитални кодови.

Во овој контекст, особено внимание привлекоа и студентските проекти од Академијата за графички дизајн при Семос Едукација, кои не функционираа како дополнување, туку како клучен сигнал за промената. Така, носечкиот постер на FWSK32 беше дело на студентски проект — јасен показател дека новата генерација веќе не се подготвува за индустријата, туку веќе активно работи во неа.
ЛУМИНИСЦЕНТНИ СИЛУЕТИ
„Луминисцентни силуети“ ја поставува светлината како главен автор. Од прецизноста на Cristóbal Balenciaga, преку деконструкцијата на Demna Gvasalia, до поетскиот минимализам на Loewe, инсталациите функционираат како живи структури што се доживуваат во движење. Секоја со свој светлосен ритам. Секоја со свој визуелен јазик. Куратор: Кристина Глигоровска, Уметник: Антонио Пирковски, Организатор: Галерија Акантус.
Програмата на Моден викенд Скопје продолжува денес, со фокус на одржливоста и регионалниот моден контекст, поврзувајќи ја локалната сцена со пошироката европска перспектива. (Л.С.)
Фото: Ѓорѓи Ристоски, Горан Бошковски