„12“ на МНТ ќе го отвори, „Вистината“ на Театар Комедија ќе го затвори 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов, во продукција на МНТ од Скопје, ќе го отвори 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Отворањето ќе биде во 20 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“. „12“ е дел од официјалната селекција на фестивалот. Во претставата играат: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, како и Тања Ивановска (Судија).
Пред изведбата, ќе им бидат врачени наградите за животно дело на актерите Снежана Коневски-Руси, Гоце Тодоровски и Соња Михајлова.
На затворањето на фестивалот на 13 јуни, на истата сцена од 20 часот, ќе биде изведена претставата „Вистината 2“ од Флоријан Зелер, во режија на Владимир Јурц. Ќе настапат: Виктор Арсов, Ева Скендеровска, Столе Мицов и Тања Мицков. Претставата имаше премиера на 8 мај годинава.
Влезниците за претставите ќе бидат пуштени во продажба на 2 јуни, на билетарницата на Центарот за култура „Марко Цепенков“, како и онлајн. Сите дополнителни информации за фестивалот публиката може да ги побара на интернет-страницата на фестивалот www.mtf.com.mk