Џонсон: Германија подвлече црвени линии за Косово, но не и САД
Мислам дека Германија има подвлечено црвени линии во поглед на тоа колку далеку ќе се оди во решавањето на косовското прашање, додека САД тоа го немаат сторено, изјави американскиот републикански сенатор и претседател на сенатскиот Комитет за внатешна безбедност, Рон Џонсон во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Тој додаде дека американскиот став е прилично конзистентен по прашањето за можната промена на границите меѓу Косово и Србија, а тоа е дека решението мора да произлезе од страните во спорот.
– Ова е момент за воспоставување на стабилност, поголем мир и просперитет. Поминав два дена во Грција, едно препладне во Македонија, една вечер во Косово и сега сум во Србија. Грција и Македонија имаат реална шанса да го решат спорот околу промената на името на државата кој трае 27 години. Сметам дека двете земји имаат многу храбри премиери кои согледаа што е во интерес на народот. Мислам дека овој пример може да им користи на Србија и на Косово, кои, според мое мислење, водат многу сериозни преговори со цел да го решат меѓусебниот повеќегодишен конфликт, истакна Џонсон.
Во врска со можната промена на границите меѓу Србија и Косово, Џонсон вели дека ставот на САД е прилично конзистентен, односно дека решението мора да произлезе од страните во спорот, иако до ова решение нема да биде лесно да се дојде.
– Решението мора да произлезе од страна на раководството и од народот на Србија и Косово. САД тука се само за поддршка и поттикнување за решавањето на спорот. Ние сакаме на раководствата на двете страни да им даде простор да биде флексибилни и креативни, да пронајдат решение за овој исклучително тежок проблем. Јас сум тука првенствено за да им ја дадам ваквата поддршка и да ги охрабрам, нагласува Џонсон.
Тој додава дека САД нема да наметнуваат ништо, бидејќи решението мора да произлезе од разговорите меѓу Белград и Приштина.
– Јас ја разбирам загриженоста на луѓето и таа е легитимна поради опасностите од домино ефектот, но ние решението ќе им го препуштиме на раководствата на Србија и на Косово и потоа откако ќе го разгледаме тоа решение ќе го изразиме нашиот став и потенцијалната загриженост во врска со него, вели Џонсон.
На констатацијата дека некои земји, пред се Германија, се категорично против каква било промена на границите меѓу Србија и Косово, Џонсон вели дека овие земји ја подвлекле црвената линија, додека САД тоа не го сториле.
– Но, ние силно го поддржуваме дијалогот предводен од Европската унија во однос на приближување на двете страни. Го поздравуваме овој дијалог, но САД не подвлекуваат никаква црвена линија, истакна Џонсон.