Ќосето падна, Филип и Александар се нишаат


Неизвесна е судбината на спомениците на Александар Македонски, Филип Втори, „Порта Македонија“ и споменикот на Мајка Тереза во градба. Дали и тие ќе бидат урнати, како што од вчера веќе минато е споменикот на Ќосето, допрва треба да одлучат Владата, Министерството за култура и други институции кои биле инволвирани во „Скопје 2014“.

Мирослав Грчев, координатор на работната група за справување со последиците од „Скопје 2014“, во изјава за „Независен весник“ вели дека елаборатите за посочените споменици се готови. Комисијата, како советодавно тело, дала експертска анализа и мислење до Владата, Министерството за култура и други институции, а дел од предметите се предадени и на СЈО. Прв завршен случај бил споменикот на Ќосето, потоа се сработил споменикот на Мајка Тереза, следувале елаборатите за споменикот на Александар Македонски, „Порта Македонија“, и последен сработен, како што информира Грчев, а бил предаден вчера, е елаборатот и препораките за споменикот на Филип Втори.

„Очекувам спомениците на Александар и Филип, кои ни направија најголема политичка и културна штета, да го следат примерот на Ќосето. Денес симболично со негово отстранување го предадовме и елаборатот за Филип Втори“, ни изјави  Грчев. Појасни дека комисијата има советодавна и експертска улога, а дали и како ќе се постапи понатаму, ќе треба да одлучи Владата во соработка со другите институции. Генерално, кај сите посочени споменици, констатирано е грубо кршење на законите, Собранието не одлучувало за нив, иако така налага законската постапка за меморијални споменици. Притоа, бил прекршен Уставот, се прекршиле и законите за градење.

„Ние препорачуваме демонтажа, дислокација или рециклирање на спомениците, како и уривање на бетонските постаменти, кои не се ништо друго туку купишта бетон со кој се краде јавна површина и тој треба да заврши како градежен шут“, вели Грчев, според кого „Скопје 2014“ е плод на злоупотреба на позициите на кои тогаш се нашле дел од градоначалниците, министрите, директорите… Тој објаснува дека комисијата е сконцентрирана на спомениците, нивните елементи и постаментите. Во случајов, фонтаните се надвор од „приказната“.

Инаку, и од Министерството за култура кусо потврдуваат дека интензивно се работи на случајот. Не сакаат да прејудицираат за можните случувања.Истото вчера го изјави и градоначалникот Петре Шилегов.

„Меѓуресорска комисија на Министерството за култура, Општина Центар и Град Скопје како созреваат правните ситуации така преземаат соодветни акти“, истакна скопскиот градоначалник неколку часа по отстранувањето на споменикот на Ќосето.

Речиси идентична изјава добивме и од Општина Центар. „Интензивно се работи на случајот. Кои споменици се спорни, во овој момент не можам да ви кажам“, изјави Катерина Цаневска, портпарол во Општина Центар.

Токму по налог на општинарите, Град Скопје го отстрани споменикот на Ќосето. Градежниот инспектор констатирал дека спомен-обележјето не е поставено на одобрената микролокација и издаденото решение од страна на Град Скопје.

„Одлуката за подигање на спомен обележје на Андон Јанев-Ќосето ја донел Советот на општина Центар на 28.12.2012 година. Тука е направено и основното прекршување на законот, бидејќи во член 1 стои дека одлуката се носи заради одбележување на делото и оддавање почит на македонскиот комита и револуционер од илинденскиот период Андон Јанев-Ќосето. Според Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, настаните и личностите што се одбележуваат со меморијален споменик треба да се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Македонија и за нејзиниот државно-правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на земјата. Меморијален споменик може да подига Собранието на Македонија, Советот на општините, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје за одбележување со спомен-обележја на настани и личности што се од локално значење, донесува програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја“, стои во образложението од Центар.

Се „чешлаат“ шмизлата и бикот, следен е лавот пред ВМРО-ДПМНЕ

Работната група во моментов работи на случајот со поставување на скулптурите на шмизлата, бикот, девојчето, дрвото пред Камени мост…Сите беа поставени во 2009 година во рамки на проектот на Министерството за култура кое распиша конкурс за избор на триесетина идејни решенија за млади автори чии скулптури ќе го разубават градот.

„Сега практично работиме на воведот во ‘Скопје 2014’. Следен предмет за истражување ќе биде фонтаната со лавот поставена пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ“, информираше Грчев.

Деспина Трајковска-Димова

Фото: Борис Грданоски