Ќе ја доупропастуваат ли Македонија?


Ерол Ризаов

Лесно е со отровни зборови да се подбуцнуваат и да се манипулираат сиромашни и чесни луѓе кои си ги сакаат татковината и родните огништа, иако со децении залудно чекаат да им се насмевне среќата која никако да допре до две третини од населението. На овие ограбени и напатени луѓе деновиве во изобилие им се нуди да се откажат и од надежта за подобра иднина и на нивните деца, кога веќе тие не ја почувствуваа. Им велат, готово е, и тоа што го немате ќе го изгубите ако излезете на референдум. Ќе ве нема, ќе ве избришат, ќе ви го сменат името и презимето, ќе ви го одземат идентитетот, ќе ви го откоренат јазикот, ќе ви ја украдат душата. Седете дома молкум и гледајте си сеир, бојкотирајте ја Македонија, така ќе се спасите и ќе го сочувате достоинството и гордоста.

Си велам, по милионити пат, можно ли е паролата „бојкотирам“ да победи ако ја нудат онаа шака очајници, билмези, шарлатани, штетници кои во секоја криза сеат омраза и страв кај граѓаните повикуваат на делби и конфликти, јаваат на бранот на злото и на меѓуетнички тензии. Кога повторно ги слушнав насасканите „комити“ на Мечкин Камен на ден Илинден, каде што претседателот на државата го дочекаа со скандирања како војвода на навивачките чети, каде што се исвиркаа поканетите гости и дипломати и ја испоганија Македонија по стоти пат, си реков го гледаат ли ова баш тие луѓе кои сè уште се колебаат на која страна да тргнат? Кога ги слушнав мрачните и хистерични повици „Добар шиптар, само мртов шиптар“, си реков еве ги наследниците од деведесеттите години на минатиот век на тие што му ги сечеа канџите на орелот, а сега повикуваат на крв. А, никогаш немаа храброст да му се приближат ни на обичен петел, а не на орел. Кукавици. Го плукнав телевизорот и им вратив како осамено ехо: добра ВМРО, само мртва ВМРО.

До некни мислев дека додека ВМРО не стане музејски експонат, ќе нема ни европски, ни балкански, ни човечки вредности. Сè што вреди ќе се избербати до крај во последното парче на шоплукот, вдолж реките Брегалница и Вардар. Но, по Илинден 2018, по говорот во Крушево на претседателот на државата на заминување, кој зад себе на повлекување како башибозук пали куќи, бев веќе сосема убеден дека најучениот основач на ВМРО, Иван Хаџи Николов, бил целосно во право кога ја пишувал жалната оценка за резултатот од нивната работа почнувајќи со основачкиот конгрес од 23 октомври 1893 година во неговата куќа во Солун. Учениот библиотекар пред да се самоубие ќе го остави најстравотното сведоштво за тоа што претставува ВМРО и кои злосреќи му ги донесе на македонскиот народ. Денес да се чита и да се препрочитува илјада пати Иван Хаџи Николов, човек не може да се оттргне од помислата – зарем Македонците, откако му ги простија гревовите на ВМРО, сè уште не ја ставаат ад акта, или барем не ја архивираат како музејски експонат? Одново и одново, кој знае по кој пат, прво партизаните, сега и демократите ја одржуваат ВМРО во живот како филозофија на македонската егзистенција, иако според основачот Хаџи Николов е вчудовидувачки како народот не ги каменува водачите на тоа зло чиј краен резултат е упропастување на Македонија. Тоа уништување што го спречија партизаните со првата голема победа и со антифашистичката војна, со формирање на првата македонска држава, за што паднаа 25.000 жртви, сега е на добар пат ДПМНЕ, самопрогласениот наследник на ВМРО, да го дозаврши до крај со повик на бојкотирање на иднината на Македонија.

Не знам дали некој избројал колку македонски дејци и учени луѓе, вистински патриоти се убиени од долгата рака на ќосињата на ВМРО, или од нивните предавства. Нема таков трагичен биланс голем како телефонски именик. Ама нема да згрешите ако помислите дека се што вреди е ликвидирано. Македонската трагика е во тоа што и убијците и нарачателите секогаш биле убедени дека ја спасуваат Македонија и дека нивните злодела се херојски чин.

Еве што напишал во своите спомени знаменитиот солунски библиотекар, најучениот основач на ВМРО, Иван Хаџи Николов, кој за чудо не е ликвидиран, но кој под бремето на вина, тешка историска вина, си го одзел животот во Софија. Веројатно по десетти пат го приопштувам тестаменталниот дел од неговите спомени кои ги поседуваше и ги разјаснуваше Гане Тодоровски, нашиот голем македонозналец со надеж дека ќе допре до свеста на Македонецот. Иван Хаџи Николов во своите спомени пишува: „ Мислата дека треба да се напише нешто за Револуционерната организација ми го облива срцето со крв. Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија, макар што тоа не е самата организација, туку Софија, со својот цар, со своите министри и генерали, со својата државна, а не националистичка политика, ја погреба Македонија и ѝ причини огромни жртви од луѓе и материјални блага, а јас, пак, се чувствувам како виновен за сите тие злосреќи, дека и јас и моите другари станавме причина за револуционизирањето и во последица на тоа – погубувањето на Македонија и на Македонците. И јас му се чудам на македонскиот дух, како тие луѓе не нè убија со камења откако го согледаа грозниот и жалниот излез на нашата револуционерна иницијатива.

Цела Македонија, како еден човек, со трогнувачка еднодушност тргна зад нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба, ние да ја водиме кон ослободување, а излезе дека сме ја воделе кон упропастување и кон ново, уште потешко ропство и при такви, дијаметрално противположни резултати пак да не нè обвинува, да не нè навредува, да не мрмори против нас – создавачите на Револуционерната организација и водачите, туку молчаливо и со полна покорност на својата судба да си го подземе тешкиот голготски крст – тоа предизвикува во мене адмирација и велам: Македонци, вие не сте само херои, туку и светци. За вас сите жртви се заслужни“.

Што мислите, дали пораките и предупредувањата на Иван Хаџи Николов не се актуелни овој пат во 21 век и не се повторуваат како историска фарса? ВМРО-ДПМНЕ ќе ја продолжи ли битката за доупропастување на Македонија со бојкот, со молк, со гледање сеир на историски ден. Револуционерната организација веќе нема ништо револуционерно, нема ниту водачи револуционери ниту, пак, некој што прифаќа и може да го понесе товарот на вина и историска одговорност за иднината на Македонија. Нивната одговорност и вина се утврдува на суд не поради револуција, туку поради корупција.

За да се сонува, не треба да се затвораат очите. За сонот со отворени очи да стане реалност треба да се чита и да се дознае што е најдобро за себе, за својот народ и за сите граѓани. Македонија слободна и просперитетна европска држава, е неостварениот сон на сите генерации.