Ќе си дозволи ли претседателот Ѓорге Иванов да ја спречи Македонија да стане членка на НАТО?


Слободанка Јовановска

Македонија неделава, според сите дипломатски оценки, напиша историја. Веста за договорот со Грција одекна исто како самитот на претседателите на САД и Северна Кореја. За светските медиуми главна вест беше дека го сменивме името на државата. Граѓаните пак дома се поделија на два фронта- тие што веруваат дека постигнавме победа и другите што уверуваат дека сме претрпеле голем пораз.

Лидер на првите е премиерот Зоран Заев, а на вторите претседателот Ѓорѓе Иванов. Зад првиот стои Македонија што сака да оди напред и што сака промена, а зад вториот Македонија што преферира да живее во минатото и во славата на својата античка големина. Сепак, колку и да им се признае правото да веруваат во тоа што веруваат, речиси е неверојатно што по 27 години стагнација и изолација се уште некој следи лидери кои нема што да понудат освен статус кво и илузија. Тоа, со вчерашното однесување го најави претседателот на државата, кому времето не само физички туку и политички му одбројува.

Зад големите зборови – како достоинство, сувереност, црвена линија, бришење на Крушевската и АСНОМ-ска Македонија, пораз пред максималистичките грчки барања и бришење на досегашната историја – видовме човек неспособен за било каква одлука и затрчан во некоја своја идентитетска битка со ветерница. Кој, кога и да проговори, гледа пораз, неправда, загуба, конспирација, невозможна ситуација и  кој исправа вечно некаква правда место да испорачува решенија, додека граѓаните се очајни да слушнат добра вест и да видат перспектива. И, кој од се што кажа, испрати само една релевантна порака, освен таа дека договорот нема да го потпишува – дека „ќе се залага и во иднина за решение кое ќе го зачува достоинството на Македонија“, односно дека и натаму ќе ни го троши времето со силна демагогија и бесцелна политика додека е на оваа функција. Што би рекол премиерот, ќе продолжи со политиката на празни зборови, за која како што се покажа вчера стигна поддршка само од унгарскиот лидер Виктор Орбан, а целиот преостанат и успешен свет го поздрави тоа што го договорија Ципрас и Заев.

Вчера  Иванов пред се покажа дека не знае што е пораз, а што победа: Прифаќањето да се биде Македонец од Северна Македонија или стотици илјади Македонци да потпишат дека се Бугари за да добијат патна исправа што ќе ги внесе во Европската унија, што тој е подготвен уште дваесет и пет години да ја отфрла? Да ни се обраќаат со оваа или онаа земја, со Скопје или БЈРМ или со Северна Македонија?  Македонија да остане уценувана од сите соседи или да седне на маса со низ и да решава рамноправно за своите интереси, па и таа да им става вета ако треба? Да постигне договор сега или да изгуби уште десетици години и милијарди евра фондови, за да уште посиромашна и со уште послаба позиција седне на истата маса да преговара? Да живее во национал романтизам или во реалноста, да ги решава политичките прашања или да продолжи да ги одржува и умножува? Да ги следи барањата на огромното мнозинство граѓани што сакаат членство во ЕУ и во НАТО или да биде главниот виновник ако Македонија на двата самити во јуни и во јули повторно остане надвор? Да се бори за достоинствено решение така што лично тој ќе биде одговорниот што Македонија нема да стане членка на НАТО, откако тоа еднаш во тоа не спречи Грција? Откако потпиша аболиција за фатени во злоупотреби и корупција, откако амнестираше обид за државен удар и откако го прекрши Уставот при давањето мандат на изборна коалиција, да најави дека ќе спречува промена на Устав со која ќе се отвори шанса за нова иднина на Македонија?

Тоа што Иванов вчера пак се стави на страната на тие што опструираат, не е ништо изненадувачко. Од неговиот кабинет изминатите денови видливо се лиферуваа информации што требаше да го нарушат процесот и да го спречат договорот, што пак излезе од рамките на легитимната политичка борба бидејќи асоцираше на активност во корист на странски интереси, на штета на  преговарачката позиција на земјата. Вчерашниот настап е последна потврда дека наредните месеци Иванов ќе ги користи сите средства што му преостануваат за наводната битка за достоинството на Македонија, а всушност со популизмот ќе гради јавна и странска поддршка, зошто ќе му требаат кога ќе се соочи со последиците од својата деструктивна политика. Со ветото за Макеоднија ќе си отвора за себе посветла иднина кога нема да биде во политиката.