Ќе заглавиме како Македонија….


Ерол Ризаов

Ќе заглавиме на европскиот пат како Македонија, Турција и некои други земји ако не направиме компромис со Косово. Оваа изјава на претседателот на Србија Александар Вучиќ, дадена по неговата средба со канцеларката Ангела Меркел, би експлодирала како атомска бомба не само во Србија, туку во целиот регион ако беше искажана до пред една-две години од кој било српски релевантен политичар. Ќе беше тоа големо предавство, потпишување капитулација, уривање на темелите на српството, скрнавење на верата, предавање на непријателот на светата српска земја, губење на територија, речиси колку Македонија, газење по достоинството на српскиот народ. Денес тоа е реалност, дури кога го кажуваат највисоки српски функционери излезени од шинелот на Шешељ и Милошевиќ. Политичките водачи што стасаа на власт на крилата на национализмот и кои ги држеа своите граѓани со години во балканската чекалница на пат за прогресот изгледа конечно научија што е компромис за влез во ЕУ. Самите јавно велат дека се подготвени да ја голтнат краставата жаба. Дали е така?

Европа не верува на зборови. Не сака да увезува конфликти меѓу идните членки. Брисел бара чиста ситуација со потпишани договори и добрососедство кое се спроведува. Бара и многу други работи за тие што сакаат да играат и да се натпреваруваат во Премиер лигата. На прв поглед не е баш популарно српски претседател да дава ваква изјава, дека мора да дојде до компромис со Косово, особено не пред многу значајни избори кој ќе го добие Белград. Или Вучиќ е премногу силен и сигурен во победа или некои анкети скриени во фиока кажуваат дека и на Србите им е веќе преку глава од светата земја Косово и од страдањата и војните за Косово. Изгледа сѐ помалку го сакаат тоа што е одамна изгубено. Претседателот Вучиќ ги праша Србите што нема да добиеме ако не направиме компромис со Албанците? И, за да нема дилеми, сам одговори на прашањето. Ќе заглавиме и ние како Македонија, Турција и други земји кои поради политички спорови се заглавени да влезат во Унијата. Во случај да не постигнеме договор со Косово, ќе се создаде „природен ѕид“ кој не може да се пробие. Работите во животот се променија, картите во животот се менуваат, ние мораме да размислиме за нашите деца, за нивната иднина. Да, да, ова го кажа со глава и брада, лично Александар Вучиќ, претседател на Србија. Ако не сте чуле и прочитале, побарајте, видете и почујте.

Во Србија критичарите на автократското владеење не му веруваат на Вучиќ ништо. За тоа имаат многу причини, а меѓу другото, како најголеми се сметаат истите што Македонија ги преживуваше за време на режимот на Никола Груевски од кои уште страда. Заглавувањето на Македонија и на Србија не е само поради односите со соседите, туку и поради запрените демократски процеси внатре во земјите, поради организираниот криминал, блиските релации на власта и мафијата, поради грабежот на имотот на државата и на граѓаните, поради ендемската корупција, поради дволичноста кон Европа, поради антизападната и антиамериканска кампања на блиски следбеници и советници на власта. Заглавените патишта кон Европа, и во Србија и во Македонија, одамна требаше да ги расчистат Вучиќ и Груевски, двајцата највлијателни политичари. Претседателот Александар Вучиќ наликува на опеаниот српски епски јунак Марко кој доцна стигнал на Косово, а Никола Груевски, поранешниот македонски премиер, сѐ повеќе личи на губитник кој го внесе тројанскиот коњ на Данајците среде Скопје. Вучиќ сега во своите изјави вели „никад није касно“, картите се променија, а Груевски секој ден е на суд соочен со обвиненија за повеќе кривични дела.

Во подготвеноста на Александар Вучиќ за компромис со Косово има и една многу поучна поента и за Македонија, за премиерот Зоран Заев и за лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Тоа со променетите карти во животот и со загриженоста за иднината на нашите деца е веќе познато, многу добро се знаат и политичките пречки на заглавените држави, Турција преговара, па не преговара, со ЕУ ќе биде 20 години, а Македонија е 12 години вечен кандидат за членство во ЕУ. Познати се и условите што треба да се исполнат за време на преговорите. Она што не е доволно познато на Балканот, а изгледа Вучиќ го сфатил добро и тука му е главната сѐ уште недоволно видлива порака, а тоа е компромисот. Договорот за компромис значи дека едната страна не може да добие сѐ. Затоа, тие што прават компромиси велат дека е тежок и болен оти се прават отстапки, секогаш со мотив дека се попушта поради повисоки интереси. Значи и Србија и Косово мора да направат отстапки. Во овој миг проценка е, не само на Вучиќ, дека Косово е помалку подготвено за отстапки отколку Србија. Тоа е адутот на Вучиќ за идните односи со ЕУ, Србија да не биде виновна ако не дојде до компромис со Косово, кое како млада држава е заглавена во породилни маки.

Предноста на Србија во однос на Косово во споредба со Македонија и Грција е голема, бидејќи Косово не е членка на ЕУ и на тој пат е далеку зад Србија која веќе преговара со ЕУ за членство. Македонија води 25 години преговори, некои уште зборуваат за разговори, со редовна членка на ЕУ и еден од основачите на НАТО, влијателна земја во светот со силни врски со центрите на моќ кои управуваат со светот, тежок преговарач, со долгогодишен анимозитет кон Република Македонија и со дебели лоши историски наслаги на двете страни. Она што е слично со Србија и Косово е што Грција е помалку подготвена за компромис отколку Македонија и вешто ги менува секој ден своите црвени линии кои ги прикажува како отстапки. Подготвеноста на Заев за географска додавка на името Република Македонија, што е голема отстапка, Грција ја условува со уставни промени кои не можат да поминат во Собранието. Се темпира притисокот за Македонија да биде самата виновна за евентуалниот неуспех на преговорите. Ако Грција е навистина подготвена на компромис, ќе прифати со две раце меѓународен договор за географска додавка со потпис на ОН, што е многу посилна гаранција од уставни промени. Грција според досегашните најави од министерот за надворешни работи бара промени не само во Уставот, туку и во правописот и граматиката на македонскиот јазик, во лингвистичката наука која се применува и во Македонија и во сиот свет. Грција наложува како треба да се пишува името на државата со географска одредница на начин кој во основните училишта се смета за неписменост. Тоа веќе не е компромис, тоа се нови уцени.

Заложбата на Карл Билд, познат европски политичар, копретседавач на Европскиот совет за надворешна политика, за силно посветување на моќните ЕУ држави за да се стигне до компромис за името, бидејќи без тоа стратегијата на ЕУ за Балканот ќе пропадне, од ден на ден се покажуваат како неопходни и во преговорите меѓу Грција и Македонија за да биде можно заеднички прифатливо решение, што значи отстапки на двете страни. Засега такво нешто нема освен добриот почеток во Давос. Има само охрабрувачки, но внимателни изјави на европските лидери и еуфорични изнасилени пофалби на бриселската висока администрација. Тоа е премалку за да се одглави Македонија.