Јовановски како Шишков
Ерол Ризаов
Одлуката на директорот на МНТ, Драган Спасов-Дац, да ги казни глумците кои одбиле да одиграат претстава во знак на солидарност со својот колега Владо Јовановски поради неговото апсење и држење во притвор, сосема разбирливо, стана главна тема во земјата. Посегањето по слободата на уметници, особено кога е поврзано со политиката, е крајно деликатна и чувствителна работа. Секогаш тоа предизвикува сомнежи и револт не само во еснафот, туку и во пошироката јавност поради популарноста на актерите и неспоивоста на нивната личност со политички пресметки, партии и пропаганди. Друга работа се судските докази и судските пресуди. Никој пред законот не смее да остане недопирлив, па ни Јовановски. Откажувањето на претставата со извинување пред публиката во МНТ не е мотивирано од попречување на правдата, туку исклучиво е чин на солидарност поради одредување на мерката притвор на колега. Но мотивите надвор од театарот се токму спротивното. Да се спречи правдата.
Да бев на местото на Спасов ќе предложев тој чин на протест на актерите на МНТ да се прогласи за ден на солидарност со борбата против режимите и ограничувањето на слободата на творештвото и на уметниците. Со тоа Спасов ќе ги спасеше колегите од многу непријатности. Вака, постапка на глумците со откажување на претставата ќе испадне признание дека сите тие биле помалку храбри, да не речам кукавици, кои не му се придружиле на нивниот херој Јовановски кој се качи на барикадите среде парламентот и го повика народот да го спречи легитимно избраното мнозинство на избори да ја преземе власта. Не знам дали таквото подбуцнување е кривично дело терористичко здржување и дали има и други кршења на законот кога на 27 април беше извршен обид за полициски пуч и кога беа немилосрдно тепани пратеници и беа доведени во опасност животите на повеќе луѓе, но сигурен сум дека тоа е уривање на уставниот поредок, децидно опишано и во Уставот и во Кривичниот законик на Република Македонија. Тоа може да го прочита и разбере секој, па и ако не е правник, дури и да е глумец.
Актер на политичката сцена да повикува на пресметка со партиските противници, дефинитивно не е само морално прашање, иако моралното злосторство за кое не се суди е можеби потрагично бидејќи во Македонија од театарските куќи, од храмовите на уметноста, се направија партиски депанданси и работилници, каде што политичката припадност и полтронство станаа поважни од талентот и определбата за уметност и за творештво. Тажно, ама голема вистина е дека партиската книшка и активност ја одредува хиерархиската позиција во театарот, не само во заземање на директорските и управителски позиции, туку и за добивање на главните улоги, за избор на режисерите, за доделување на наградите и признанијата, за кандидирање на пратеници, водителски улоги на ТВ и радио, пишување колумни со аплогетско величање на власта…
Ако актерот Владо Јовановски притворен во Шутка ја слушнал неумесната споредба на политичарот Влатко Ѓорчев, искажана пред затворот, дека тој е новиот Ристо Шишков, претпоставувам, бааги засрамен и огорчен ќе му стане јасно, кој и зошто го вовлекол во политиката.
Ако, пак, ја прифатил како свое најголемо достигнување оваа глорификација и изедначување со легендата на македонското глумиште, тогаш остатокот од животот ќе го помине играјќи го во главна улога Ристо Шишков. И тоа лошо, многу лошо, погрешно, сосема погрешно поради една клучна причина. Шишков покрај тоа што беше извонреден актер беше бунтовник против власта и против неправдите. Никогаш не беше полтрон и подлизурко да учествува во пропаганда од страна на режимот, или да агитира како политички телел и да биде подбуцнувач. Изедначувањето на ликот и делото и судбината на Шишков со Јовановски е плиткоумна споредба на две дијаметрално спротивни личности и деградација на бардот на МНТ, Ристо Шишков. Влатко Ѓорчев со оваа, најблаго кажано непристојна споредба, исклучиво наменета за дневно политичка потреба го издаде вистинскиот мотив на врвот на ВМРО-ДПМНЕ, дека нивните протести пред судот и пред затворот во Шуто Оризари не се за одбрана на притворените уметници, туку за своја одбрана и на тие што стојат зад настаните на 27 април.