ЈЗУ Здравствен Дом-Битола од денес се именува „Д-р Хаим Абраванел“
Министерството за здравство, Амбасадата на државата Израел и општина Битола, со свечена церемонија го промовираа именувањето на ЈЗУ Здравствен Дом-Битола во ЈЗУ „Д-р Хаим Абраванел“-Битола.
Според заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски, владината одлука е потврда за досегашната и најава за идна меѓувладина и посебно соработка во сферата на здравството.
– Соработката меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Израел продолжува. Се надевам дека ќе ги користиме искуствата на колегите од Израел и дека директно ќе придонесат за развојот на здравството во нашата држава и градот Битола, бидејќи битолчани тесно се поврзани со израелската држава, посочи Чакаровски.
На промотивниот настан во Битола, израелскиот амбасадор Дан Оријан најави соработка и во други сфери значајни за двете држави.
– За нас именувањето на здравствениот дом во Битола со името на д-р Хаим Абраванел е посебно важно, бидејќи можеме во иднина и заеднички да реализираме многу проекти. Се обидуваме да поврземе повеќе работи и затоа денес во Битола доведовме претставници на две компании од Израел. Едната се занимава со соларна енергија, а другата од сферата на земјоделството. Во Битола имаме повеќе интересни проекти, а денешниот го реализираме во соработка со Министерството за здравство, истакна амбасадорот Оријан.
Општина Битола освен јавна поддршка на одлуката, најави и отворање простор за други видови соработка на стопански, културен и образовен план.
– Овој настан е можност да искажеме благодарност некому кој што се вложил во нашиот град. Денешниот настан е потврда на космополитизмот на нашиот град, но и потврда дека денешните генерации го сочувале чувството за почит и за градење вистински вредности кои со државата Израел ќе се продлабочуваат, нагласи градоначалникот на општина Битола Наташа Петровска.
На чинот на именувањето на ЈЗУ Здравствен Дом-Битола во „Д-р Хаим Абраванел“ присуствуваше и внуката на Абраванел, д-р Рахел Шели Леви Друмер, која истакна дека според еврејскиот календар точно на денешен ден пред 75 години во Битола беше извршена депортацијата на Евреите од овој град и прочита молитва.