Јан Гел: Градот мора да е по мерка на луѓето, не на зградите и возилата


„Ако направите поголема улица, ќе привлечете повеќе сообраќај. Ако, пак, изградите повеќе јавни слободни простори, ќе дојдат повеќе луѓе. Ако улицата од четири ленти ја намалите за две, а двете ги направите велосипедски, тогаш ќе мотивирате повеќе да се вози велосипед. Сè зависи кого сакате да поканите во вашиот град“. Ова се мали, но скапоцени совети од познатиот дански архитект Јан Гел, кој во својата долга кариера во урбанизмот и планирањето на просторот, хуманизирал многу градови низ светот. Копенхаген, Москва, Њујорк, Мелбурн… се само дел од листата светски метрополи кои имплементирале делови од неговите идеи.

Гел вчера во Скопје, во организација на Комората на архитекти и овластени инженери, ја промовираше својата книга „Градови за луѓе“ и потпиша писмо за намери со претседателката на Советот на Скопје, Љубица Јанчева. Книгата од 2010 година досега е преведена на 32 јазици и содржи многу практични примери, критериуми за квалитетен живот во метрополи и приоритети кои треба да ги следи секој планер во урбани средини.

„Имајќи го предвид придонесот на професор Јан Гел, како доајен на проектирањето на јавни простори, кој се занимава со градовите и кој со своето нескромно знаење и искуство ќе даде позитивен придонес за хумано живеење во градот Скопје, потпишавме писмо на намери за соработка од областа на урбанизмот и просторното планирање. Оваа соработка ја воспоставуваме со цел унапредување на урбаното живеење во Скопје по примерот на светските метрополи од аспект на хуманото живеење, активната вклученост во креирањето и реализацијата на проектите од значење за граѓаните“, истакна Јанчева.

Трансформациите што градовите ги постигнуваат се неверојатни доколку се посветат на концептот „човекот на прво место“. И самиот Гел признава дека бил погрешно наведен во ерата на модернизмот, кога високите објекти и возилата ги истиснаа луѓето од градовите. Тој смета дека луѓето мора повторно да станат видливи во градовите, а тоа ќе се случи доколку градот се креира по нивна мерка.

„Какви градови сакаме во 21 век? Живи, во кои ќе можеме да уживаме во друштвото на другите луѓе, во кои на улиците ќе има многу деца и повозрасни луѓе. Сакаме и одржливи градови, во кои јавниот транспорт ќе биде еден од клучните фактори. Градовите мора да се здрави и да ни помогнат да го надминеме синдромот на седење, кој нè убива предвреме, а за тоа мора да ни понудат место за секојдневно пешачење“, вели Гел.

Под неговата палка Мелбурн станал најдобриот град за живеење на јужната хемисфера, Њујорк првпат ставил клупи на јавни места, а Москва ги тргнала паркираните возила од тротоарите и изградила мали јавни простори за дружење. Во Копенхаген, пак, откако се зголемил просторот за велосипедисти, 41 отсто од жителите на работа одат со велосипед.

Гел на вчерашната работилница „Скопје – град за луѓе“ се запозна и со урбанистичките и планските предизвици и на нашиот град. Според најавите, архитектот и градските власти, по примерот на други градови, ќе формираат стручни тимови и по принципите на „Градови за луѓе“ ќе работат на студија за Градот Скопје, од аспект на хуманото живеење, а целта е да се овозможи поквалитетно оформување и користење на јавните простори во Скопје. Ќе се бараат и решенија за состојбите со велосипедистите, пешаците, малите паркови и зелените површини во градот, квалитетот на воздухот и, генерално, квалитетот на животот во градот.

Сања Наумовска