Јавниот дискурс како турбофолк-забава


Политички аналитичар кого го „бркаат“ од емисија поради настап под дејство на алкохол и несоодветни изјави, новинарка што признава дека 11 години не ги плаќа сметките за вода и бара пари за медиумот, експретседател на Кривичен суд кој колне по „крвниците“ и „душманите“ и новинар што прави скандал зошто од многуте присутни морал баш тој да постави прашање на официјална прес-конференција… Ова е сликата на македонската медиумска сцена во изминатиот викенд поради што повторно се поставија прашањата – кој го узурпира медиумскиот простор и кој го креира јавното мислење во државата? Комуниколозите оценуваат дека тоа што се случува во моментов е срам за сите и оти јавниот дискурс одамна е искривен, а за жал не постои надеж дека работите ќе се вратат во вистински колосек.

Ова е срам за сите нас, за сите до еден што учествуваме во јавната сфера и го креираме јавното мислење со својата работа како новинари, експерти, професори, невладини активисти, политичари, дипломати, јавна администрација… Сите до еден сме виновни што јавниот простор е создаден од површни и прости муабети, од шут што нема каде да се стави, па медиумите овозможуваат простор за да се забавува рајата. Прашањата се поедноставија, мислењата се изедначија и банализираа, носителите на јавното мислење станаа турбофолк-ѕвезди, новинарите заборавија како е да бидеш аналитичен и критичен и во чие име работат. Станавме земја на баналност, простаклак, неписменост, површност и незаинтересираност. И секој што не е дел од оваа интелектуална депонија е непријател и треба да се отстрани, оти ќе ја наруши медиумската слика за вештачката розова реалност дека ние одиме напред. Не. Ние отидовме по ѓаволите! Ова е слика на македонската медиумска реалност која е прецизен одраз на македонското општество. Од површност, пасивност и полуписменост ќе поцркаме“, револтирана е Жанета Трајковска од Македонскиот институт за медиуми.

Нејзината реакција следуваше по гостувањето на аналитичарот Агим Јонуз во приватната телевизија „ТВ21“, каде што по неколкуте негови изјави водителот беше принуден да побара пауза, по која за него немаше место во дебатата за името. Од телевизијата ни рекоа дека биле принудени да направат нешто, затоа што очигледно било дека гостинот не е на висина на задачата.

Искрено, со него соработуваме долго време и никогаш не сме имале проблеми. Бевме изненадени во какво издание се појави на дебатата. На втората пауза самиот прифати да си замине. Водителот постапи професионално, побара реклами, а потоа продолживме како ништо да не се случило“, велат вработени во телевизијата.

Довчерашниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, ја шокираше јавноста со објавата на неговиот фејсбук-профил. Тој ги колнеше оние што се радувале на отворената предистражна постапка во врска со извештајот за злоупотребите во АКМИС-системот.

На сите крвници и душмани, кои денес се радуваат постираат и праќаат пораки за АКМИСОТ и на нивните ментори, нарачатели и извршители, со чиста душа ви посакувам очите со сите зла на светов да ви се наситат и најтешки земни болести да ве нахранат, божјиот суд на спасот да го барате, да не можете да го најдете… По мојот живот може да копнеете, бидејќи свој немате, за зградата, милионите, ресторанот, за џипот не можете, ви остана само пендрекот“, напиша Владимир Панчевски на неговиот фејбук-профил.

Комуникологот Петар Арсовски признава дека јавниот дискурс одамна е искривен. Вели дека истите пет-шест аналитичари се појавуваат на медиумите и даваат мислења за сите сфери од општеството, дури и кога не се стручни, бидејќи тие се единствените што имаат храброст и доблест да излезат во јавноста. Го посочува примерот од пред неколку дена кога бил повикан да зборува за Законот за амнестија, иако тоа воопшто не е негова сфера на исклучително познавање.

Првата работа е што политиката метастазира во јавниот дискурс во моментов. Како што се зголемува вниманието на јавноста преку политиката, така моќњниците преку пи-ар, а не преку политички експерти влијаат врз јавното мнение. Второ, претходната влада го осакати новинарството и после 12 години таков пресинг новинарите не знаат да бидат објективни. Трето, Македонската радио-телевизија, како расадник на кадри замре, а другите медиуми се по потрага на реклами, а не по информации. Нема анализа, сѐ е сведено на истите луѓе“, вели Арсовски.

Горан Адамовски