Што смислил Мицкоски


Ерол Ризаов
На Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ одамна им истече времето. Што и да смислат, тешко ќе ја оправдаат вчудовидувачката неодлучност и партиско калкулантство за најзначајната определба од независноста на Македонија. Историски чин за европската припадност на Македонија за што не смееја да мислат ни еден ден.
Веќе е сосема извесно дека парламентот нема да испрати заеднички проглас на сите народни претставници до граѓаните на Македонија да излезат на референдумот и да гласаат за европска Македонија.
Таков проглас, кој ќе останеше запишан во историјата, мораше да биде стокмен со соодветна содржина примерна на големината на најзначајниот настан во историјата на независна Македонија. Обраќањата на овој начин до граѓаните со назнака дека тие ја одредуваат иднината остануваат врежани во колективната меморија и на сегашните и на идните генерации.
Таков еден фундаментален документ, кој ја одразува определбата на огромното мнозинство граѓани, без оглед на нивната национална и верска припадност, мораше да биде усвоен едногласно од сите пратеници и прифатен од сите релевантни политички партии и политички лидери. Тоа ќе беше вистински потег кој ќе ја покажеше државотворноста и на политичарите и на граѓаните.
За голема несреќа, битките за власт, лагите, манипулациите и теориите на заговори кои ги пласираа партиски функционери и учени луѓе направија делби кои Македонија ја спречија да се издигне на ниво на водачите на Илинденското востание и основачите на Крушевската република со Прогласот кој го учат нашите деца и внуци уште во првите одделенија на основните училишта.
Наместо манифестација на единство и заедништво за значењето на историскиот чин сè уште траат кавгите, омразата и кампањите за бојкот на сопствената иднина и за изолација на Македонија. Најголемата вина за ова ја носат претседателот на државата Ѓорге Иванов и претседателот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. Претседателот ќе остане запишан во историјата и во памтењето на граѓаните како личност прегазена од времето, кој со своите кардинално погрешни и штетни одлуки учествуваше во попречувањето на Македонија во нејзините евроатлантски интеграции и членство во ЕУ и НАТО. Но и со обидите да ја попречи правдата и да амнестира политичари обвинети за тешки кривични дела. Лидерот на опозицијата влезе во калкулантска авантура под притисок на својот претходник Никола Груевски, испуштајќи ја можноста веднаш најкатегорично да се определи за остварување на најзначајните државни и партиски стратегиски интереси на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ, членството во ЕУ и во НАТО. Криењето зад договорот со Грција, кој на сите им е јасно е болен компромис и предуслов за европеизација на Македонија, е лесно читлива лага, колку што е лесно препознатлива вистина дека таков или подобар договор не е можен.

Ужасните грешки на претседателот Иванов и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, ги смести на буништето на историјата заедно со онаа „шака јада“, која агитира сеир и бојкот на референдумот изедначувајќи го со подготвување на ајвар. Невидена срамота, поголема брука не е забележена во поновата историја на Македонија, а рака на срце ги имаше бааги.
Чекајќи го неодлучниот Христијан Мицкоски, по повеќедневно размислување по кој пат ќе фати партијата, на сите им стана јасно дека тоа ќе биде немушт, наметнат повик до симпатизерите да гласаат за, против, или да бојкотираат по свое наоѓање што во крајна линија станува сеедно. Во секој случај ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски одбраа да одиграат маргинална улога во македонските евроинтеграции. Тоа ќе биде најава за лошата иднина и на партијата и на Мицкоски, кој извонредната шанса да ја осовремени анахроната и криминогена ВМРО-ДПМНЕ ја потроши како марионета на својот претходник и ментор кој ја има најголемата одговорност што Македонија не ги реализира своите стратегиски интереси најдоцна заедно со Хрватска.

Мицкоски ја имаше шансата и сè уште ја има да предложи до Собранието заеднички проглас до граѓаните да излезат масовно на референдум за европска Македонија. Штета. Голема штета што тоа не го направи веднаш, а како што стојат работите тоа ќе се случи и без него и без ВМРО-ДПМНЕ. Тоа овие денови на Мицкоски му го кажуваат светските државници и сите истражувања на јавното мислење.
Што мислите – дали Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ имаат доволно политички слух, мудрост и храброст да се коригираат и да ги прифатат заложбите на мнозинството граѓани и на светската политичка елита, нашите најзначајни политички и економски партнери, нашите клучни поддржувачи, да се спротивстават на внатрешните партиски притисоци и да бидат на историската страна.
Мицкоски ја прокоцка оваа шанса со непотребно долгото размислување за конечниот став, а во исто време вршеше силна агитација против договорот. Таква двојна улога не прифаќаат ни најпослушните членови на партијата.