Што правиме ако се договорат Ципрас и Заев
Ерол Ризаов
Додека чекаме да се чујат по телефон или да се видат во живо, премиерите на Грција и на Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, и да му соопштат на светот дека тридеценискиот спор, позамресен од Гордиевиот јазол, е одмрсен, ми дојде на ум една приказна од соседството за која велат дека е чиста вистина. Еден ден српскиот патриот Вук Дршаковиќ, како министер во владата, го прашал премиерот што ќе се случи ако Албанците од Косово побараат да се вратат во состав на Србија. Одговорот бил: „Не дај боже“. Да, таа е реалноста, ама како да ѝсе соопшти на јавноста. Си велам што ќе се случи кај нас, кај нашите патриоти, ако навистина Грција и Македонија најдат заеднички прифатливо и одржливо решение кое двете страни ќе ги направи подеднакво среќни да прогласат победа, или подеднакво несреќни оти не добиле сѐ што сакале, што во двата случаи е подобро, отколку да нема решение. Неодржливо ќе биде ако едната страна прогласи голема победа, а на другата превагне чувството дека е потпишано предавство на националните и државни интереси.
Навистина, може ли да се претпостави какви ќе бидат реакциите кај нас ако премиерите Ципрас и Заев заеднички го пресечат јазолот како Алексндар, и Велики и Македонски, и дадат согласност дека е подготвено прифатливо решение. Или, спротивно на тоа, што ќе биде, ако владите објават соопштенија дека решение нема, преговорите пропаднале поради вината на другиот. Се работи за прашања и претпоставки кои секогаш треба да се примат со резерва, но мислам дека најголемиот број граѓани на Македонија можат да погодат какви ќе бидат реакциите и во двата случаи, односно и да има и да нема решение.
Иако по цели 25 години веќе преовладеа сознанието во јавноста дека не е можно да остане уставното име и дека е неопходно да се прифати географска додавка, се разбира, под услов ако сѐ уште сакаме да станеме членки на ЕУ и на НАТО, ако не, тогаш ништо не треба да менуваме, освен татковината. Ако го смениме името и тоа ново име влезе во уставот опозицијата веднаш ќе прогласи дека е потпишана капитулација и дека се работи за предавство, дека останавме без национален идентитет, без јазик и без достоинство, дека е згазена гордоста на Македонецот, дека Македонија е понижена. Ќе чукаат камбаните за големата несреќа, ќе се пишуваат прогласи до граѓаните во стилот подобро гроб отколку роб, дека уставот не може да се менува, дека не признава капитулација и дека парламентот не може да прифати пакт со непријателот потпишан од предавниците на народот кои ја узурпирале власта и кои не се легитимни претставници на народот.
Карши главниот влез на Собранието на Македонија, пред споменикот на АСНОМ, веќе има билборд како се ракуваат насмеани премиерите Ципрас и Заев во Давос при нивната прва средба, а преку целата фотографија со крупни црвени букви е напишано ПРЕДАВНИЦИ. Не е јасно зошто и двајцата се предавници, ако овој нашиот е надмудрен и ги прифатил сите барања на Грците. По таа логика би требало само тој да биде предавник. Или, можеби опозицијата и во Грција и во Македонија исто мислат, па заеднички, онака патриотски и братски, ги нарачале и платиле трошоците за двајцата предавници. Опозицијата во двете земји најмалку е загрижена за опасноста од иредентизам и од губење на националниот идентитет. Тие се загрижени што лидерите и луѓето кои ја туркаат оваа работа ќе успеат и ќе влезат во историјата. Во тоа е проблемот, во ништо друго. Ниту Македонија може да предизвика некаква иридентистичка опасност, ниту некој може да дава и да зема идентитет и јазик со потпис на хартија.
Претседателот на државата Ѓорге Иванов во случај да се најде решение ќе се обрати до јавноста со траорен глас да приопшти дека се случила голема несреќа над Македонија на која тој лично многу пати предупредувал и укажувал. Ќе чукаат барабаните за тревога, цели 60 дена ќе се повикува народот на протести и на референдум да ја одбрани татковината. Ќе се бараат под итно предвремени избори да се поништи срамниот и понижувачки договор. Тоа би била оптимистичката варијанта. Песимистичката варијанта е онаа за која историчарката и познат општественик од Србија, Латинка Перовиќ, тврди дека Србија, аналогно на тоа и земјите од Западен Балкан, ќе исчезнат ако не станат дел од Европа и ако не се европеизираат. Тоа не е ништо ново ни во современата историја, вели Латинка. Србите ја научија лекцијата и тргнаа на добар пат да ги остварат своите цели, постојано жалејќи и плачејќи за Косово што испадна многу профитабилно. Доволно се мудри овој пат да не кажат гласно не дај боже Албанците да се вратат сосе Косово.
Добро, да ја напуштиме песимистичката проценка ако дојде до договор меѓу Грција и Македонија. Да видиме што ќе се случи кај противниците на предавството ако нема договор. Се разбира, ќе нема овации и аплаузи. Опозицијата нема да го поздрави неуспехот на преговорите, иако цело време ја води водата на таа воденица. Таа нема да прогласи ни победа на својата определба да се прекинат преговорите. Повторно ќе фрчат соопштенија дека погрешниот пристап во преговорите и некадарните преговарачи не можат да донесат ништо добро, ни на државата ни на граѓаните. Власта ветуваше дека ќе најде заеднички прифатливо решение, ги даде сите отстапки на Грција која не направи никаков компромис и при таква подредена позиција кога Македонија не можеше да ги исполни сите барања на Грција дојде до тотален крах на преговорите, што ги води една неспособна влада и премиер кој цело време работи против интересите на Македонија. Поранешниот премиер Никола Груевски ќе соопшти на јавноста дека неговите политики кон соседите се покажале како исправни и дека никогаш не е можно да се најде решение со Грција. Дека воопшто не биле пречка нарушувањето на демократијата, криминалот и корупцијата, туку дека единствената пречка е неподготвеноста на Грција за компромис.
Што може да изберат премиер и влада во една ваква ситуација кога и во двата случаи, и да се најде и да не се најде решение со Грција, ќе се соочат со силен отпор и блокада. Одговорот го даде Зоран Заев сам уште како лидер на опозицијата, кога ги фрлаше бомбите врз бункерот на режимот. Рече дека е подготвен на саможртва. Е, сега е време да расчисти дали ќе биде саможртва за интересите на Македонија, или жртва на примитивизмот на очајниците кои бараат спас како да ја избегнат правдата и судската разврска на своите злодела и криминали. Саможртвата за влез во двата најголеми политички и економски и воени сојузи во светот и за иднината на својата татковина и граѓани е херојски чин, а неговото повлекување ќе означи посипување со пепел и пораз. Тоа граѓаните на Македонија нема да го дозволат. Во ваква историска околност нема место за дилеми. Изборот е еден. Промени и нов почеток. Сѐ друго е пораз и распад.