Целосно забеган свет


Пред точно две децении, во 1998 година, познатиот британски социолог и професор Ентони Гиденс, кој стекна светска слава кога стана главниот реформатор и идеолог на Лабуристичката партија во времето на Тони Блер, беше еден од промоторите на прифаќањето на новата реалност во светот – а тоа беше процесот на глобализацијата. Накратко тоа го опиша во своето славно дело „Третиот пат“ (The Third Way). Според многумина теоретичари, глобализацијата не само што беше (и сè уште е) наша реалност, туку се објаснуваше и како феномен на „растечка глобализација“ и дека таа „е тука за да остане“.

Професорот Гиденс, како одговор на критичарите на неговите сфаќања за глобализацијата и како одговор дека таа е неодминлива појава во 1999 година издаде една мала, но важна книга која ја нарече „Забеган свет“ (Runaway World) во која наведе дека глобализацијата е комплекс од промени а не само еден процес и дека глобализацијата не само што влече нагоре, туку, исто така, турка надолу создавајќи нови притисоци за локалната автономија, цитирајќи го уште попознатиот американски социолог Д. Бел дека државата станала не само премала за да ги реши големите проблеми, туку, исто така, и преголема за да може да ги реши малите проблеми.

Две децении подоцна глобализацијата сè уште е тука и веројатно навистина ќе остане, но изгледа дека во меѓувреме ќе мора да претрпи некои радикални среднорочни промени што се предизвикани од последиците што самата таа ги наметна на широка врата на светската сцена. Нема дилема дека нејзините придобивки постојат и тие се далекусежно позитивни, но тие постојано создаваат и свои неодминливи спротивности. Нобеловецот Џозеф Штиглиц во врска со тоа уште во 2002 година ја напиша својата позната книга „Глобализацијата и незадоволствата од неа“ (Globalization and Its Discontents), но подоцна објави и многу свои одговори на нејзините критичари („Making Globalization Work“, 2006 и други) што кулминираа со неговото најново дело „Навраќање кон глобализацијата и незадоволствата од неа“ (Globalization and Its Discontents Revisited) од 2017 година, чиј поднаслов е – ни помалку ни повеќе туку: „Антиглобализацијата во ерата на Трамп“.

Се чини дека денес сме сведоци како придобивките од глобализацијата сите ги потиснуваат или забораваат, а постојано ги препотенцираат нејзините проблеми. Денес избраните политичари ширум светот како да се здружиле во напорите секој на свој начин да направи што е можно повеќе удари врз глобализацијата и да ги спречи природните општествени, економски и политички процеси во светот, мислејќи дека на тој начин ќе ја заштитат својата држава и својот народ. Сите тие многу грешат.

Вакви појави на антиглобализација се видливи на секој чекор. Прво, слободната трговија во светот секојдневно се заменува со растечки царини и други трговски пречки меѓу најголемите економии на светот. Американско-кинеската трговска војна дојде до точката во која Кина деновиве во свој официјален владин документ наведе: „Американската влада презема екстремни протекционистички мерки во трговијата кои го нарушија меѓународниот економски поредок, им предизвикаа штета на трговските односи низ светот, го нарушија синџирот на глобални вредности и меѓународна распределба на трудот, ги нарушија пазарните очекувања и доведоа до насилни поместувања на меѓународните финансиски и стоковни пазари. Америка стана најголемиот извор на неизвесност и ризици за заздравувањето на глобалната економија“. Јасно е дека зад нивните големи глобални војни тоа секако ќе влијае и врз помалите економии.

Второ, слободното движење на капиталот и стоките се попречува со постојано воведување на меѓусебни билатерални и мултилатерални санкции. Трето, миграциите на населението и работната сила од економски и безбедносни причини се засилија и почнаа да создаваат сериозни нелагодности во еден значаен дел од светот. Процесот на сè послободното движење на работната сила во глобални размери денес сериозно се попречува со правни и физички (ѕидови вдолж границите) бариери. Тоа предизвикува процеси на распаѓање на некои сојузи („Брегзит“) или нивно слабеење (источните и јужните земји наспроти оние од западот и северот на ЕУ). Четврто, политичката и воена соработка во светот се намалува а се враќаат на сцена прикриените или отворени политички и воени конфликти дури и помеѓу големите воени сили во светот. Не е непознато дека денес постојат боишта (Сирија) над чие небо непријателски се натпреваруваат авионите на двете воени суперсили или нивните блиски сојузници. Тоа доведе до состојба во која руски борбени авиони на два пати беа соборени од „ненепријателски“ армии (Турција и Сирија).

Дури и оние придобивки што сите ги чувствуваат и чувствуваме од глобализацијата, како онаа дека бројот на лицата што живеат со доход под прагот од 1,9 американски долари на ден (според паритетот на куповната моќ), односно во доменот на т.н. апсолутната сиромаштија во светот се намали на „само“ 736 милиони, или 10 отсто од светската популација во 2015 година (11,2 отсто во 2013 и над 15 отсто пред 2000 година) е засенет од фактот дека токму заради глобализацијата само 8 (да осум!) луѓе во светот поседуваат еквивалентно богатство на она на 4 милијарди луѓе што припаѓаат на посиромашната половина од светското население чиј број во моментов се проценува на околу 8 милијарди. Многу е веројатно дека глобализацијата постепено ја намалува сиромаштијата во светот, но истовремено многукратно ја зголемува нееднаквоста во распределбата на доходот внатре секоја држава и во светот во целина. Тоа го констатира и економистот Бранко Милановиќ кој во својата книга „Глобална нееднаквост – Нов пристап за добата на глобализација“ (Global Inequality – A New Approach for the Age of Globalization), 2016 година, во последната реченица од студијата од околу 250 страни се запрашува и одговора: „Дали нееднаквоста ќе исчезне како што глобализацијата продолжува? Не. Придобивките од глобализацијата нема да се распределат рамномерно“.

Глобализацијата сега е на сериозен испит. Таа еден ден повторно динамично ќе продолжи и ќе го пробие патот напред, но до тогаш ќе добие многу директни и странични удари. Сегашните изолационистички и антиглобализирачки чекори на разни земји во светот ќе имаат последици. До пред само 20 месеци никој не можеше да предвиди дека на нивно чело ќе застанат токму САД и дека нивната актуелна политика ќе води кон рушење на можностите за поголем економски раст во светот. Професорот Нуриел Рубини од Универзитетот во Њујорк во ули јавно се изјасни дека политиките на Доналд Трамп можат да ја „убијат обновата на глобалната економија“ и дека „периодот на ниска нестабилност и синхронизиран глобален економски раст е зад нас“, додавајќи дека постои „сериозен ризик од глобално одолговлекување, па дури и пад во 2020 година.“, завршувајќи „се чини дека сегашната ера на ризикот е тука за да остане“.

Од ваква перспектива гледано можеби беа во право двајцата економисти – И. Д. Мекинзи и М. Ел-Ериан (I. D. McKinsey, M. El-Erian) кога уште пред девет години претпоставија и со тоа воведоа нов стандард дека финансиската криза од 2008 и глобалната рецесија од 2009 година можат да доведат до состојба на „нова нормалност“ во која нискиот економски раст е очекуван, а потрошувачите ќе имаат потреба од поголемо воздржување во текот на подолг временски период. Тие единствено не можеа да предвидат дека на тоа ќе се надградат и многу сериозни антиглобализациски процеси, што дополнително ќе ги докомплицираат и влошат и онака не многу сјајните перспективи за уште подобар живот.

Никола Поповски (авторот е универзитетски професор)