Хуманоста на кредит


Марија Павлеска

Оваа година се одбележуваат 50 години од протестите на студентите во 1968 година.
Денешната генерација (7-77), иако телефон имаат и помлади од 7 и постари од 77 години, е првата генерација „револуционери“ која себеси се нуди за надзор. Орвел никогаш не би успеал да предвиди дека луѓето сами ќе купат камери и дека нивниот најголем страв ќе биде дека никој не гледа.
Пред неколку дена посведочивме уште еднаш како фотографиите од иста сцена можат да раскажат различни приказни. Се работи за настанот од Самитот на Г-7 кој беше фотографиран од повеќе различни агли покажувајќи го лидерот на земјата од која репортерот доаѓа како доминантен на случката. „Се чини дека моќта на Г-7 е во аголот на гледачот“ – напишаа од агенцијата „Блумберг“.
Лесно е да се креираат пристрасни содржини денес кога секој држи мобилен во рака кој содржи и камера. Луѓето сѐ почесто во живо пренесуваат случувања. Од најтривијални, до навистина значајни. Телекомуникациските компании дури во соработка со комерцијални банки, креираат можности на купување на мобилен телефон на рати. Сѐ што ви треба е барање за кредит и приложување потврда за заснован работен однос или пензиски чек, со минимален износ на примања од 8.000 денари месечно. Максималниот износ на кредитот изнесува околу 700 евра или 40.000 денари. Со таа сума може да се купи телефон со одлични перформанси.
Од септември минатата година Владата го исполни ветувањето за зголемување на минималната плата и таа беше зголемена на 12.000 денари. За телекомуникациските компании сѐ уште е доволен минималецот од 8.000 денари за да ви одобрат кредит за купување на мобилен телефон.
Интересно е, затоа што ниедна банка никогаш за време на саем на книга или почеток на година не понудила купување книги на кредит. Немаме поволни кредити ни за школување. Но кој разговара на вакви теми кога учебната година е веќе зад нас? За образованието ќе се мисли во август или некоја друг август некоја наредна година.

***

Историјата се губи, се заборава и се уништува. Денес живееме во време кога информациите треба да ни бидат на растојание од еден клик. Меѓутоам, сѐ почесто се соочуваме со тоа тие информации да не бидат ниту целосни ниту веродостојни.
Луѓето вработени во редакции денес подготвуваат по десетина или повеќе текстови во еден ден. Тешко е (или речиси невозможно) да се напише нешто внимателно на една тема, а камоли на десет. Тоа пресметано би било повеќе од 2.000 текстови на годишно ниво.
Меѓутоа, денес, можеби и поради овие причини, книгите „проза“ фактографија (најчесто напишани од новинари), ги победуваат книгите фикција наградувајќи ги авторите со награди за литература. Една таква книга е „Готленд“ на полскиот новинар и писател Мариуш Шчигел кој во 2009 година ја доби Европската награда за литература.
Тој, новинарот писател, во таа пригода изјавил дека во денешниов свет толку многу се случува, што веќе не треба да се измислува. На тоа бевме сведоци и ние самите. Изминатите 11 години во Македонија не му беа лесни на никому, а најмалку на образованиот човек. Бевме тука кога се затвораа медиуми, кога се вршеа филмски апсења, кога се уриваше автономијата на универзитетот. Со почетокот на студентските протести, ние првпат во 2014 година го слушнавме гласот на студентите, а подоцна се слушна гласот и на некои од останатите граѓани, како и на оној дел од нив кои активизмот го разбраа како професија.
„За да се разбере режим, мора да се раскажат приказните на обичните луѓе. Не само на активистите и славните писатели. Мора да се види како нормалните луѓе се справуваат со такви работи од минатото“ („Штазиленд“, 2003). Книгата „Штазиленд“ на Австралијката Ана Фандер треба да им е позната на нашите активисти и интелектуалци. Верувам дека и на повеќето од нив им се наоѓа и примерок дома од нејзиниот превод во 2012 година, испечатен во 500 некомерцијални примероци. На страница 20, во поглавјето „Миријам“, пишува: „Обуката на новинарите, всушност била обука за портпароли на владата“. Триесетина страни потаму поглавјето „Чарли“ завршува со раскажување во кое се вели: „Тие (се мисли на Штази) никогаш не си помислиле дека ќе престанат да постојат и дека нивните канцеларии ќе станат музеј“.
Ние сме слаби на музеи (иако се понадевавме на нив), но сме добро снабдени со портпароли. Ни останува само да почекаме да дојде странец и да ни ја документира маката. Ние и да го направиме тоа самите, немаме архив во кој тоа ќе може да го зачуваме.

***
Од убавите вести – нашиот фестивал на европски филм – „Синедејс“ во 2018 година, успеа да се акредитира во меѓународната асоцијација FIAPF, во категоријата „Competitive film festival specialized in European first and second feature films“. Така „Синедејс“, кој оваа година ќе се одржува од 8 до 11 ноември, влезе во друштво со 47 фестивали од светот (вклучувајќи ги Берлин, Бусан, Кан, Сан Себастијан, Торонто и Венеција).

Еден друг наш прекрасен фестивал посветен на документарниот филм и оваа година ќе се одржи во Куршумли-ан. „Македокс“ покрај фестивалот во Скопје, осум години наназад патува низ малечки села и низ муабет, мезе и дружба им го носи документарниот филм и на луѓето кои живеат во рурални средини. Тоа е начинот да децентрализираш култура, да образуваш, да сослушаш, да разбереш. Начинот да бидеш човек.