Холивудски актерки давале мито за да ги запишат децата на престижни факултети


САД- Американските актерки Фелисити Хoфман и Лори Лаглин се обвинети, заедно со уште најмалку 40 луѓе вклучени во скандал, во кој богати родители подмитувале тренери од колеџ и луѓе од центрите за тестирање со цел да им помогнат на своите деца да се запишат на најелитните универзитети во земјата, соопштија американски обвинители.

Митото наводно се вршело преку компанија за консултации во Калифорнија, а според властите, родителите вкупно дале околу 25 милиони американски долари на основачот на фирмата Edge College & Career Network со цел нивните деца со сигурност да се најдат на приемните листи на престижните универзитети, пренесува агенцијата АП.

Во скандалот се вмешани универзитети како Јејл, Џорџтаун и Стенфорд, пренесува „Гардијан“.

Обвиненија се поднесени против 33 родители, вклучувајќи ги актерките Фелисити Хофман, најдобро позната по нејзината улога како Линет Скаво во серијата „Очајни домаќинки“ и Лори Лаглин од серијата „Полна куќа“, како и против уште 13 тренери и асистенти на Вилијам Рик Сингер, сопственик на компанијата Edge College & Career Network.