(ФОТО) Шестмина загинати и 27 повредени во верижен судир во Србија
Најмалку шест лица загинаа, а 27 се повредени денеска при верижен судир на автопатот Белград-Ниш, на потегот помеѓу градовите Ќуприја и Јагодина.
Како што јави дописникот на МИА од Белград. полицијата потврди дека причината за несреќата во која учествувале над триесет возила е густата магла.
При несреќата, што се случила утрово во 07.20 часот, се опожарени два камиони. Сообраќајот на автопататот е во прекин, а во двата правци се формирани километарски колони од возила.
Повредените, меѓу кои има и деца, се пренесени во општите болници во Јагодина и Ќуприја. Меѓу повредените во болницата во Јагодина се и тројца странски државјани – грчки, полски и германски.
Спасувачите успеале да ги извлечат од автомобилите сите лица кои биле заробени во своите возила.
Според очевидците, во време на несреќата видливоста на автопатот била сведена на само десетина метри.
– Се движев од правец на Ниш со нормална брзина. Имаше голема магла и ништо не се гледаше. Почнав веднаш да кочам до камионот пред мене, застанав и излегов. Автомобилите веќе почнаа да се удираат, сведочеше за РТС еден од возачите.