( Фото) Розовата боја е актуелна во внатрешното уредување: Пролет во вашиот дом


 

САД – Пролетва розовите нијанси ќе бидат многу застапени во уредувањето на домот, како понежните нијанси така и појаките. Топлото розово светло е многу пријатно, па затоа дизајнерите одамна користат трикови, како обојување на абажури во розови нијанси или користење нежно розови светилки наместо обичните.

„Розовата е многу интересна боја со која може многу да се игра“, изјави дизајнерката од Бостон, Танија Најак. „Розовите нијанси даваат чувство на нежна елеганција, а истовремено и на просторност“.

Еди Рос, уредник на ‘Бетер хоумс енд гарденс’, изјави дека розовата во комбинација со појаки бои, како зелена, кафеава или сива, изгледа многу софистицирано и изненадувачки.

„Кога избирате розова боја за прекривка на софа или на стол, бојата изгледа многу неутрално. Светлорозовите прекривки за кревет одлично одат во комбинација со секоја кремава нијанса“, додаде Рос.

Дизајнерката од Сан Франциско, Тинеке Тригс, обично додава биро во темнорозова нијанса во работната просторија во домот, или розова нијанса на таванот на спалната соба. Таа ја комбинира розовата боја со други јаки бои, како бела или жолта, или нежни кремави и сиви нијанси.

Комбинирајте ги розовите додатоци со современи парчиња и додајте изненадувачка промена во соба полна со едноставни, традиционални или индустриски елементи. Розовата боја изгледа одлично покрај рефлективни или текстурирани материјали, како огледала, метални предмети и кадифени материјали, но исто така, и покрај ленено платно, јута, борово дрво и ратан. И не се срамете да купувате во продавници за детски мебел.

„Потери барн кидс“ има убава розова табуретка и розова метална мала масичка, кои би биле совршено дополнување за гостинската соба или за главната спална соба.

Пролетната колекција на „Вест елм“ нуди интересни перници со геометриски мотиви, везени или рачно изработени.

„Лемпс плус“ нуди розови светилки со правоаголна керамичка ламба за на маса и стаклена ламба ОВО во елегантна розова боја.

„Хоумгудс“ има парчиња со добра цена како елегантни столови со интересни декорации и шик крокодилска керамичка вазна, како и кутии за накит и рачно изработени рамки во розови нијанси.