ФЗОМ за лековите: Аптеки тактизираат, пациенти прават домашни залихи


Одредени аптеки тактизираат, а дел од тие што пропишуваат, што издаваат и што користат лекови се однесуваат нерационално. Тоа се некои од причините зошто нема лекови на рецепт до крај на месецот, одговорија од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), на прашањето на „Независен весник“ зошто уште на 10-ти во  месецот граѓаните не можат да најдат лекови во аптеките.

Недостатокот на лекови на „државно“ особено се чувствува во последните два – три месеци. Реагираат и пациентите и фармацевтите. Првите се жалат дека воопшто не можат да го најдат својот лек или го има само ако платат приватно. Аптекари пак, објаснуваат дека или немаат квота, или имаат квота, но немаат лекови.

Од ФЗОМ велат дека има повеќе фактори за аптеките различно ги реализираат нивните квоти во зависност од градот или локацијата. Исто така, аптеките имаат можност за шест месечно порамнување во рамки на нивниот финансиски лимит, а првото се врши токму со овој месец, март.

– Од информациите кои ние ги добивме, одредени аптеки тактизирале при издавањето на лекови бидејќи се судирале и со голем број пропишани рецепти од лекарите.  Но исто така мора да се каже дека (не)рационалоста во пропишувањето, (не)рационалноста во издавањето на лекови и (не)рационалноста во употребата на лековите од крајниот корисник – осигуреникот, како и навиката за создавање домашни залихи на лекови и  неправилната примена/употреба на лековите, се фактори кои влијаат на зголемувањето на трошоците за лекови на рецепт на товар на Фондот – велат од ФЗОМ.

Од таму најавуваат поинтензивни контроли и на лекарите кои пропишуваат, и на аптеките кои издаваат лекови на рецепт.

Izvor: FZOM

– Покрај тоа, секако дека ги разгледуваме сите можни опции за реализација на нашите заложби Фондот да обезбеди повеќе лекови за осигурениците, повеќе средства за нив и особено нашите осигуреници да добиваат повеќе лекови без доплата. Во интерес и на заштита на личните средства на осигурениците, за 75% од лековите по генерика со утврдена референтна цена ФЗОМ обезбедил најмалку по еден лек по заштитено име без доплата за осигурениците! Апелираме до сите наши осигуреници да бараат информации во аптеките и во ординациите за тоа кои лекови без доплата им следуваат и можат да ги подигнат на рецепт на товар на ФЗОМ по нивен избор и според нивните потреби – се вели во одговорот од Фондот.

Недостигот на лекови особено е проблем за хроничните болни, кои мора навреме да ја земаат пропишаната терапија. Мака имаат пензионерите, но и сите останати кои се принудени да одат од една до друга аптека со надеж дека ќе го најдат лекот.  Фармацевти од голем синџир аптеки рекоа дека квота имаат, но немаат лекови и месецов нема да добијат нова пратка.

С.С.З.

 Чолакова – Дервишова: Ниеден доктор не би ризикувал

Матичните лекари не можат да препишуваат повеќе рецепти отколку што реално се потребни оти имаат договор со Фондот и ризикуваат да ја изгубат капитацијата ако не го почитуваат, вели д-р Лилија Чолакова – Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

– Не може да се каже дека нерационално препишуваме рецепти. Има систем кој функционира и во „Мој термин“ точно се гледа кој лекар колку препишал, која аптека колку издала и кој пациент колку подигнал лекови. Нема доктор кој ќе си дозволи да биде казнет за да удоволи на пациент. Тоа се гледа и од податокот дека последните три до четири години, бројката на казнети лекари по овој основ е многу намалена – вели таа.

Според Чолакова – Дервишова, пациентите во последно време реагирале дека нема и спрејови, масти, но и одредени антибиотици препишани од матичен доктор.

Мехмедовиќ лани вети лекови, сега се дистанцира

Во април минатата година, пред изборот на новата Влада, СДСМ вети дека веднаш откако ќе дојде на власт, граѓаните цел месец ќе имаат достапни лекови на рецепт во аптеките. Тоа беше наведено во предизборната програма, но е дел и од Програмата за работа на Владата 2017 – 2020 година.

– Новата реформска влада веднаш по формирањето ќе се зафати со решавање на овој проблем, за да се надмине состојбата со недостиг од лекови на рецепт и да има зголемена достапност на лекови. Ќе работиме на воспоставување  систем што ќе овозможи реално да се трошат месечните квоти на лекови. Нашата крајна цел е да има достапни лекови во текот на целиот месец – рече Злате Мехмедовиќ, тогаш член на Комисијата за здравство на СДСМ.

Вчера го прашавме Мехмедовиќ до каде е работата за ова ветување. Ни одговори дека минатата година зборувал како член на Комисијата за здравство на СДСМ, а сега е директор на „Здравствен дом – Скопје“ и од таа позиција не коментира прашања што не се во негов домен.