УВ-зраците не се само на плажа: Доаѓа сонцето, проверете ги бенките


Пред нас се сончеви денови, кожата е изложена на сонце и важно е да проверите како ви изгледаат бенките. Сите ги имаме, но во одредени ситуации можат да станат опасни.

Најголемата опасност од нив е кога ќе развијат меланом – најсериозниот и најмалиген карцином на кожата и со најголема смртност од сите кожни малигни болести. Се шири многу брзо по лимфен и крвен пат во другите делови на телото поради што неговото лекување е потешко. Меланомот е отпорен на зрачење, а хемотерапијата има ограничена улога во неговото лекување. Клучно во битката против него е навреме да се открие. Меланомот потекнува од меланоцитите, клетки кои го создаваат меланинот, пигмент кој ја дава бојата на кожата, косата и на очите. Најчесто, по боја, меланомите се кафени или црни, но понекогаш може да бидат со боја на кожата, црвена, розикава, сина или бела.

Меланомите најчесто настануваат од веќе постоечки бенки. Ризик за настанување на меланомот постои и кај таканаречените обични бенки, ако се на место кое постојано е изложено на триење (под градник, копче, ремен, раб на алишта, за време на бричење итн.)

Меланомот може да се појави на сите делови на телото, како на деловите кои се константно изложени на сонце, така и на оние што се заштитени со облека. Кај мажите меланомот се појавува најчесто на трупот, додека кај жените, најчесто се јавува на грбот и на нозете.

Болеста галопира

Бројот на заболени од меланом е во постојан пораст и е еден од туморите со најголема експанзија во последно време. Годишното зголемување на бројот на заболени е за 4-5 отсто, што значи дека бројот на заболени се удвојува секои 10-15 години.

Последните податоци за Македонија се за 2016 година, кога во системот „Мој термин“ биле регистрирани 200 новозаболени лица. Кај 46 од нив болеста веќе била со таканаречени транзит метастази, додека кај 30-ина меланомот бил во напредна фаза. Како и секаде во светот, почесто се мажи од жени. Многубројни студии покажуваат дека жените заболени од меланом имаат подобра стапка на преживување од мажите. Причината за тоа најверојатно е што жените посветуваат поголемо внимание на својот изглед, порано ги забележуваат промените на кожата и порано се јавуваат на лекар. Меланомот во последните години сѐ почесто се појавува кај помладата популација на возраст меѓу 25 и 44 години. Многу ретко, во изолирани случаи, може да се јави во период на пубертет.

Сончево зрачење

Ограничената изложеност на сонце е корисна за сите. Таа стимулира производството на витамин Д3, што е важно за добро здравје, правилен раст и цврсти коски. Сепак, само мала доза на сончеви зраци секојдневно е сѐ што е потребно.

Иако постојат многубројни фактори на ризик, ракот на кожата е обично предизвикан од УВ-зрачење од сонцето. Прекумерна изложеност на ова зрачење е најчеста причина за сите форми на оваа болест.

Два главни вида на УВ-зрачење на кои сме изложени навлегуваат во кожата на различни длабочини. Прекумерното изложување на сончевите зраци почнува да ја оштетува ДНК и ткивото. Во најдобар случај, ова предизвикува предвремено стареење и брчки. Во најлош случај, доведува до трајно оштетување на кожата и, на крајот, до меланом. Оштетувањето на кожата од сонцето е трајна. Додека изгорениците може да исчезнат, главните промени на кожата остануваат. Секој нареден период на продолжена изложеност прави повеќе штета на веќе ослабениот локален имун систем и генетски материјал на кожата.

 Фактори на ризик

– Прекумерно изложување на сонце, односно ултравиолетово зрачење (професија или хоби)

– Пигментираност на кожата, лица со светла кожа

– Возрасни над 50 години

– Лица со над 50 бенки

– Меланом во семејството

– Изгоретини од сонце

– Интензивно сончање во краток временски период (на одмор), или „викенд“ сончање

– Користење солариум

– Зрачна терапија

– Ослабен имунитет од хемотерапија, по трансплантација на органи, кај ХИВ/СИДА болни.

На што да обратите внимание:

Асиметрија – бенките што не се со правилен, кружен облик, се потенцијално опасни и треба почесто да се контролираат.

Рабови – неправилни рабови исто така се знак на потенцијална опасност.

Боја – ако забележите дека бенката менува боја, или ако имате бенка што не е со воедначена боја, појдете на преглед кај доктор.

Големина – ако има каква било промена во големината, особено ако бенката е поголема од шест милиметри во пречник, веднаш да се консултира лекар.

Испапченост – бенките што не се со рамна кожа можат да бидат опасни. Особено е важно да побарате стручна помош ако забележите дека таа испапчена бенка се менува.