Убавите џипови убаво горат
Ерол Ризаов
Има една наша прилично вулгарна поговорка и би рекол неумесна, дури и навредлива за кинескиот народ, ако правилно не се разбере. Поговорката гласи: „Кина гори, к.р те боли“. Безимениот автор, народен умотворец, најверојатно сакал да каже кога пожарот е негде далеку, дури до Кина, тоа не е ништо што треба да загрижува. Второто толкување може да биде и ироничната порака кога нешто не е твое, нека гори баш ти е гајле. Особено ако е на некој што не го поднесуваш. Кога во соседството, во нашата поранешна татковина, татнеше војната и кога илјадници луѓе страдаа, а нивните куќи и имоти гореа како факели, многумина тоа не ги допираше, како да беше отаде Кина. Култниот филм на Срѓан Драгојевиќ „Убавите села убаво горат“, кој е влезен во модерната класика на српската кинематографија, деновиве ми дојде како асоцијација, иако не баш соодветна, кога слушнав еден „очевидец“ како убаво горел џипот на Љупчо Тодоровски – Радникот, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност, кој пред пет години замина во пензија со додавката на својот прекар – човек на врвот на ВМРО ДПМНЕ. Џипот „нисан навара“ горел како коледарски оган, фалело само жешка ракија да им се подели на насобраните загрижени коледари и сеирџии.
Како овој џип стаса до мојата колумна? Има неколку причини. Не е прв што изгоре, но уште повеќе ме предизвикуваат пораките на пироманите што палат џипови со години на познати јавни личности, а не слушнав дека некој од нив е фатен или осуден. Горат џиповите на деловни луѓе, на политичари, на новинари, на полицајци, на комарџии, на мафиози… Истрагите завршуваат со кревање рамења, а и не се баш ревносни полицајците кога станува збор за џип на јавни личности. Чаршијата и кафулињата најчесто ја завршуваат истрагата прецизирајќи што е рекет, што е закана, што е одмазда, што е казна, што е неплатен долг, што е неверство, што е завист… Џиповите се најатрактивни за оправдување на злоделата бидејќи ги хранат сиромаштијата и бедата со примитивизмот: нека му е мамата негова, арно му направија, од каде му пари за џип.
Џиповите се престижна работа и кога горат стасуваат на ударни вести, како прослава со огномет. Арно ама, не горат само џипови, во Македонија од поодамна горат и куќи, и дуќани, и фабрики, и шуми, се уништуваат и туѓи имоти, за тоа има малку вести, а нималку дека сторителите се фатени. Нема никаква атракција за црните хроники ако случајот не е социјален и ако нема расплачени опожарени страдалници на кои им изгорело сѐ што имале и немале. Утредента стасуваат тазе вестите дека хуманите луѓе кои сочувствуваат со трагедијата помогнале да се ублажи несреќата, што секако е солидарност која радува и кажува дека нешто останало од човештината и хуманоста да им се помогне на унесреќените. Но што правиме со тие што палат по нарачка од политички, деловни или кои било други причини, кои уништуваат и ограбуваат туѓ имот речиси слободно и неказнето?
Во изминатите неколку години низ поголемите градови во Македонија хараат цели банди ајдуци и арамии, кои за неколку стотини евра ќе му ја запалат и постелнината на министерот за внатрешни работи, а не некој џип паркиран на улица. Оваа несигурност на граѓаните, без драматизирање, е милион пати поопасна од заканите за дестабилизации на државата и нејзиниот територијален интегритет поради промената на уставното име, поради Законот за употреба на јазиците, поради новиот даночен систем кој ги засега 74.000 граѓани или цели два отсто од населението. Ако не верувате во ова, проверете на најавтентичен начин, завиткајте два качака со две илјадарки од вашата плата и испушете ги. Ако не ви е повеќе мака за вашите пари отколку за Законот за јазици, внимавајте, и вие сте потенцијален пироман.
Не ја споредувајте вашата куќа со уставното име на државата, не е пристојно и ич не е патриотски. Голема е разликата ако кажеш останав без куќа и без имот, ме ограбија арамии во Република Македонија, отколку да кажеш останав без куќа и без имот, ме ограбија арамии во „Република Горна Македонија“. Ова првото е многу подобро. Или во секој случај си ограбен во Македонија.