Традиционален ручек на Иванов со амбасадорите на земјите – членки на Вишеградската група


Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска приреди традиционален работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.

На средбата присуствувале амбасадорот на Унгарија, Ласло Иштван Дукс, амбасадорот на Словачката Република, Хенрик Маркуш, амбасадорот на Република Полска, Јацек Мултановски и амбасадорот на Чешката Република Мирослав Томан.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, Иванов и амбасадорите разговарале за натамошното продлабочување на билатералните односи и соработката, за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на интеграција во ЕУ и НАТО, како и за клучните предизвици со кои се соочуваат Европската Унија и континентот Европа.

Соговорниците констатирале дека земјите имаат воспоставено одлични билатерални односи и континуиран политички дијалог кои се базираат на искрено пријателство, меѓусебна почит и взаемно разбирање.

Претседателот Иванов го истакнал големото значење на досегашната принципиелна и отворена поддршка од Вишеградската група во однос на евроатлантските интеграции на Република Македонија, која е од исклучителна важност за исполнувањето на нашите стратешки цели и приоритети.

Во тој контекст, македонскиот претседател ја нагласил неопходноста од фер третман за Република Македонија во однос на отпочнувањето на пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ.

-Република Македонија останува посветена на патот кон целосна интеграција во Европската Унија и во НАТО и на тој план очекуваме вашата политика на отворени-врати да помогне во соодветното вреднување на нашиот напредок, порачал македонскиот претседател.

Взаемното соочување со предизвиците од мигрантската и бегалската криза, претседателот Иванов го истакнал како позитивен пример на соработка меѓу земја-кандидат за членство и земји-членки на Европската Унија и се заблагодарил за помошта во опрема и во полициски сили од земјите на Вишеградската група.

Амбасадорите ги поздравиле напорите на Република Македонија за што поскоро зачленување во ЕУ и во НАТО и изразиле уверување дека земјите од Вишеградската група ќе продолжат со поддршката на европските и евроатлантските аспирации на нашата земја.

На средбата биле разгледани и можности за идни активности во економската сфера со цел продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу Република Македонија и земјите на Вишеградската група.