Теодоракис од авангардна до контроверзна икона


Кога во неделата попладне им се обрати на стотиците илјади Грци собрани на плоштадот во Атина за да им каже оти нивниот северен сосед нема право да го употребува името Македонија, славниот грчки композитор Микис Теодоракис (92) веројатно го потиснал сеќавањето од едно лето пред две децении кога беше пречекан како крал во Скопје. При тридневната посета на главниот град на Македонија, Теодоракис оставаше впечаток на позитивна личност, која воопшто не е оптоварена со политика. Има голем број живи сведоци од тоа време кои се присетуваат на детали од посетата на композиторот, кој заедно со Македонската филхармонија го изведe неговото најпознато дело „Гркот Зорба“.

Таа 1997 година Љупчо Петрушевски беше директор на Македонскиот народен театар каде што се одржа претставата. Вели дека посетата на Теодоракис, кој бил придружуван од десетици грчки новинари, бил прв обид да се олабават затегнатите односи меѓу двете земји.

И пред доаѓањето во Скопје тој имаше некои изјави што не можам со точност да ги цитирам, но ја подигнаа температурата во нашата јавност. Се сеќавам дека организиравме прес-конференција во хотел ‘Континентал’, па македонските новинари го прашуваа за изјавите, односно дали ги негира постоењето на нашата држава и идентитетот. Беше многу воздржан, не дозволи да биде испровоциран и во ниту еден момент не ги потврди изјавите кои наводно ги дал за грчките медиуми. Беше крајно коректен и пристоен со новинарите, а таков беше и за време на сите денови додека беше тука. И тоа не беше само куртоазно. Главно разговаравме за уметноста. Се покажа како врвен професионалец, па и самата изведба на претставата беше полна со емоции“, се присетува Петрушевски.

Тој открива дека самото негово доаѓање било финансирано од страна на солунската подружница на грчката партија ПАСОК, која во тоа време беше на власт, бидејќи македонските домаќини не биле во можност да му го исплатат хонорарот. Голем придонес дал и покојниот Мето Јовановски, кој во тоа време го предводел Хелсиншкиот комитет за човекови права. На настанот присутен бил целиот политички врв на чело со тогашниот претседател Киро Глигоров, а во живо бил пренесуван и на македонската и на грчката државна телевизија.

И токму затоа ме изненади сето тоа што го слушам и гледам од него кога е во прашање односот кон Македонија“, се чуди Петрушевски.

Композиторот Стојан Стојков беше дел од тогашното Друштво на композитори, кое на некој начин беше логистичка поддршка на гостувањето на Теодоракис. Вели дека ниту тој ниту, пак, кој било од композиторите немале директен контакт со него или со другите грчки колеги, но добро памети дека од старт имало големи реакции на гостувањето на авторот на „Гркот Зорба“.

Не поради тоа што тој е Грк ниту, пак, поради некакви негови изјави, туку поради тоа што неговиот опус не одговараше на нивото на професионализам во музичкото творештво. Да бидам конкретен, тој не беше третиран ниту во Македонија ниту во Грција како некој композитор од високо академско ниво, напротив, тој е приучен автор, кој прави добра инструментализација врз база на народните песни и мелодии, но беше и е многу популарен, поради што беше организирана неговата посета. За жал, стручната јавност воопшто не беше консултирана. Нашиот став како Друштво на композитори беше јасен: доаѓањето на Теодоракис е грешка и тоа, на некој начин, сега и се потврди со изјавите што ги дава за нашата држава“, ни изјави Стојков.

Слободан Унковски, кој во тоа време беше министер за култура, памети дека Теодоракис бил многу задоволен од посетата во Скопје.

Главни организатори беа граѓански здруженија од двете страни, така што јас како министер едвај да се поздравив со него. Но, подоцна се сретнавме во Атина и тој ме покани кај него дома. Седевме на терасата од куќата, се задржавме половина час, водевме пријатни разговори и атмосферата беше многу позитивна. Тогаш не беше толку активен во политиката и затоа сега ми е чудно кога го слушам што зборува, но веројатно и староста си го прави своето. Треба да се знае дека за време на хунтата во Грција долги години минал во затвор, и тоа на остров сличен на Голи Оток каде што биле држени сите левичари“, вели Унковски за „Независен весник“.

Потенцира дека на почетокот на новиот милениум режирал три претстави во Грција и тоа било почеток на градење една клима, која изминативе години се наруши од повеќе причини.

Ќе ви кажам дека во неделата и во понеделникот добив еден куп пораки од грчки пријатели кои се извинуваат за митингот во Атина“, потенцира Унковски.

Светски познатиот тенор Благој Нацоски на својот профил на Фејсбук му се обрати на Теодоракис барајќи од него како признат врвен уметник да покаже малку повеќе космополитизам и отвореност.

Прво, ние, музичките уметници, ја имаме таа среќа да работиме една благородна професија која истовремено ни овозможува да патуваме низ целиот свет, говорејќи на јазик (музичкиот) кој успева да ги урне сите ѕидови и сите конфликти. Оваа уметност ни овозможува на сите да бидеме обединети во едно големо семејство каде што културните разлики помеѓу народите претставуваат богатство на човечкиот израз. Второ, во 1997 година вашето најпознато дело ‘Гркот Зорба’ беше изведено во тогашниот МНТ, денешна Македонска опера и балет, заедно со Македонската филхармонија, во присуство на претседателот Киро Глигоров и целокупниот државен врв на Македонија, настан пренесуван во живо од страна на Македонската радио-телевизија и грчката национална ТВ. Јас лично како ученик во средното музичко училиште во Скопје ги следев сите проби, а мојата мајка учествуваше во изведбата. Тогаш не се сеќавам дека имавте замерка за настапите во главниот град на Република Македонија, диригирајќи лично со двата македонски национални оркестри и хор. Во таа пригода го посетивте и гробот на Зорба, кој се наоѓа на гробиштата во Бутел. Токму приказната за Зорба како историска личност и како книжевен лик би можела да биде еден од позитивните примери и ‘адути’ за проникнувањата меѓу културите на балканските народи, но не како нов ‘мит’, туку како потстрек за барање конструктивни решенија. Ова мое обраќање кон Вас сакам да го завршам со една мисла на авторот на книгата за Гркот Зорба, славниот грчки писател Никос Казанѕакис, која гласи: Едно време ги делев луѓето на Бугари, Турци, Македонци и Грци, сега ги делам на добри и лоши. А, еден ден и тоа нема да го правам, затоа што сите заминуваме во една иста почва…“, напиша Нацоски.

Двапати во затвор, трипати пратеник и еднаш министер

Микис Теодоракис е роден на 29 јули 1925 година на островот Хиос во Грција. Од младоста е фасциниран од музиката, како дете пишува песни без никаков инструмент. Во Пиргос и во Патрас ги зема првите часови, а првиот концерт го одржува на 17-годишна возраст. По активното учество во отпорот против окупаторот во Втората светска војна, каде што е мачен, се школува во Атина и во Париз. Неговите први симфониски дела: Концерт за клавир, Прва суита и Прва симфонија доживуваат меѓународен успех. Се враќа во Грција, им се посветува на корените, во 1964 година станува и пратеник во парламентот. Во 1967 година хунтата ја освојува власта во Грција, тој се одметнува, но пронајден е и притворен заедно со сопругата и двете деца. Префрлен е во логор. Во 1970 година, благодарејќи на меѓународниот притисок, е ослободен, но прогонет од земјата. Ширум светот држи концерти за враќање на демократијата во Грција. По падот на хунтата, триумфално се враќа дома. Двапати е избран за пратеник, а од 1990 до 1992 година е министер во владата на Константин Мицотакис.

Горан Адамовски