Теодоракис: На 12 април средба Коѕијас-Димитров, потоа случајот го преземаат премиерите
Информациите во грчките медиуми за нова средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас на 12 април, ги потврдува лидерот на партијата Река кој вчера одржа средба со шефот на грчката дипломатија.
Ставрос Теодоракис во интервју за државната ТВ ЕРТ, повикувајќи се на она што го слушнал од Никос Коѕијас, рече дека следниот четврток ќе има нова средба, а доколку се биде во ред, тогаш случајот ќе премине во рацете на двајцата премиери.
– Имам кажано дека, април многу веројатно е да го даде решението. На 12-ти месецов, како што ме извести господинот Коѕијас ќе ја има следната важна средба со министерот за надворешни работи на ПЈРМ и ако помине добро оваа средба, сфаќам дека случајот ќе оди во рацете на двајцата премиери, вели лидерот на партијата Река, во интервјуто за државната ТВ ЕРТ.
Во однос на позициите на партијата во разговорите за името, Теодоракис уште еднаш повтори дека Река се залага за решение кое паралелно ќе донесе и правни обврзувања за отстранување на иредентизмот.
– Ние сакаме решение за името и истовремено конкретни правни обврзувања за ослободување на соседите од иредентистички одредби и ставови и во Уставот и во учебниците, и во учебниците, затоа што е важно како се едуцираат децата. Ова му го кажав тоа на Коѕијас, рече Теодоракис, пренесе МИА.