Сѐ уште е мала искористеноста на европските фондови
Домашните фирми да не се обесхрабруваат од обемните и долготрајни процедури, да аплицираат за поддршката од ЕУ и да стекнат повеќе искуство во овој домен зашто допрва, по почетокот на преговорите и особено по влезот во Унијата, ќе имаат на располагање многу поголем број фондови и средства, апелира Стопанската комора на Македонија.
Комората уште еднаш ја нагласи потребата од формирање посебен гарантен фонд кој ќе застане финансиски зад компаниите и ќе ги поддржи да аплицираат.
Искористеноста на средствата од европските фондови засега е многу мала. Како што беше речено денеска на прес-конференција, од програмата „Хоризонт 20 – 20“ за седум години сме повлекле само 7,3 милиони евра. За инструментот за мали и средни претпријатија од оваа програма аплицирале неколку компании, но се уште ниту една не успеала да добие пари. И реализацијата на ИПАРД не е завидна, иако бележи зголемување. Од 2007 до 2014 година била 17 отсто за ИПАРД 1, а за ИПАРД 2, од 2014 до 2020 досега е 22 процента.
-Големите административни процедури и долгиот период на одобрување се причините за ниската искористеност на европските средства. Но, овие услови се исти и важат за сите земји од ЕУ. Домашните фирми тоа мора да го прифатат, да изградат капацитети, да стекнат знаење и навики и што почесто да аплицираат со проекти, самостојно или како партнери. По почнувањето на преговорите и особено по влезот во ЕУ на располагање ќе имаат многу повеќе фондови и средства, истакна Јадранка Аризанковска од Стопанската комора.
Аризанковска напомена и дека е неопходно во проектите со кои ќе се аплицира, да бидат застапени еколошката и иновативната компонента.
Програмата „Хоризонт 20 – 20“ за истражување и иновации што во периодот 2014 – 2020 година беше проектирана на 80 милијарди евра за сите европски земји, по 2021 година ќе биде реименувана во „Хоризонт Европа“ и ќе има буџет од 100 милијарди евра.
За приватниот сектор кофинансирањето од европските фондови е 50 – 70 проценти, а за институциите и до 100 отсто.