Судските закони поминаа со консензус, следи нивна примена


Со по 86 гласа „за“, пратениците од власта и од опозицијата ги донесоа денеска клучните закони за реформа на судската власт.

Измените на законите за судови и за Судски совет се последните што преостанаа од пакетот 3-6-9, а кои Собранието не стигна да ги донесе пред објавувањето на Извештајот на Европската комисија, поради серијата забелешки на опозицијата. Затоа, пак, денеска оваа регулатива беше донесена без ниту еден глас „против“ или „воздржан“, откако СДСМ претходно ги прифати интервенциите на опозицијата, главно во делот на дисциплинската одговорност на судиите, а во Законот за судски совет за задржување на правото на глас на претседателот на Врховниот суд, за што заменик-министерот за правда најави дека повторно ќе биде предмет на разгледување кога за неколку месеци кога ќе се прават потемелни измени во оваа регулатива.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев рече дека е добро што опозицијата даде свој конструктивен придонес во пакетот на реформски закони што Македонија го прифати како задача и пред домашната и меѓународната јавност.

Сега следи имплементација на реформите на третата власт, за чие функционирање имаше многу забелешки во Извештајот на Европската комисија, но и во најновиот Извештај на Стејт департментот. Владата формираше посебно стручно тело за следење на процесот на имплементација, што го предводи премиерот Зоран Заев.

Собранието, на денешната седница го донесе и Законот за високото образование, кој треба да биде основа за враќање на автономијата и независноста на универзитетите.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев рече дека нема да гласаат за Законот за високото образование бидејќи не бил прифатен ниеден од амандманите што ги поднеле. Според него, многу аналитичари и експерти во оваа област сметаат дека со ова законско решение, високообразовниот систем во Македонија се враќа триесетина години наназад.