Стефан Марковски за книжевната резиденција во Шпанија: Сан Себастијан е извор на хиперкреативност


Двомесечна книжевна дружба преку резиденцијалниот престој „Други зборови“ (Other words) во Сан Себастијан, Шпанија, искуси Стефан Марковски, наш млад македонски писател, поет, сценарист и филозоф.

За време на престојот од 10 август до 1 октомври, во една од поважните туристички дестинации на Шпанија, Марковски ги претстави своето творештво, македонската култура, но и создаваше дело кое е директна тамошна инспирација.

Во прво лице ни ги пренесува впечатоците, искуството и интересот на баскиската публика за неговото творештво и за македонската култура.

Беше дел од програмата „Други зборови“ во Сан Себастијан и таму помина околу два месеца. За каква резиденција поточно станува збор и кој беше начинот на избор?

– Резиденцијата се однесува на автори што творат на, во европски рамки, релативно помали или, пак, регионални/малцински јазици. Конкретно, вклучени се македонскиот, словенечкиот, баскискиот, галскиот и фризискиот јазик. Писателите и поетите што творат на некој од споменативе јазици имаат шанса да заминат на резиденција во некоја од овие јазични средини, односно, преку оваа програма имаат дијапазон можности за соработка и размена на искуства преточувајќи ги во конкретни книжевни созданија, што е и есенција, фундамент на повеќето резиденции. Повикот за пријавување го забележав преку Фејсбук и некое време по пријавувањето бев контактиран од страна на организацијата партнер од Македонија – Форум на млади од Битола.

Какво искуство стекна од престојот?

– Не може да се опише, интензивно, збиено, извонредно инспиративно и медитативно. Епитетите изгледаат како мрзлива појдовна позиција за опишување на едно вакво искуство кое успеа да ми прошири некои хоризонти како писател, доживувач на естетичкото, и како човек кој се труди да остане посветен на сопствената надградба.

Го претставуваше и твоето творештво таму, какви беа реакциите и впечатоците на домаќините?

– Мислам дека рецепцијата беше, ни повеќе ни помалку, токму онаква каква што еден автор би се надевал да биде – публиката да остане максимално инволвирана, комуникативна и пред сè инспирирана за разговор. Ова беше случај особено по вториот мој настап, кога презентацијата и читањето беа проследени од десетици прашања од присутните, а за чие одговарање ми беа потребни барем два часа, ако не и подолго.

Потребно беше да се создаде и кратко книжевно дело, кое ќе биде и преведено на неколку европски јазици. Каква инспирација ти понуди Сан Себастијан?

– Сан Себастијан за еден отворено креативен дух склон кон себеизградба подразбира живеење на творечката бајка, трансцендирање на јавето втиснато на празната хартија меѓу зборовите. Несомнено, постојат многубројни резиденции во места со речиси совршен изглед, но Сан Себастијан е извор на хиперкреативност, како заради местоположбата, архитектурата и топлиот морски ветар вдолж заливот Ла Конча, така и заради духовната култивираност на луѓето и статусот кој литературата таму го ужива. Краткото книжевно дело треба да биде составено од не повеќе од 5.000 збора, по што би се превело на јазиците вклучени во проектот. Покровот со кој е запретана енигмата на моето конкретно дело ќе оставам да биде подигнат од времето што дели од неговата финална верзија и објава.

Таму имаше и свои настапи, што сподели со баскиските колеги?

– Поезија од објавените стихозбирки, на македонски и на англиски. Дополнително имав и пауерпоинт-презентации во кои стана збор за македонската култура и за уметноста, но пред сè за македонската литература и тоа во контекст на општо запознавање со делата на нашите стожерни писатели, драмски автори и поети.

Колку се важни овие резиденции за младите писатели, но и воопшто за сите книжевни автори?

– Освен самата размена на контакти и разнородна книжевна соработка што отвора потенцијален бескрај од можности, се остваруваат и непосредни допири со книжевни средини кои овозможуваат и пореалистично согледување на состојбите и тенденциите на литературата кај нас, наспроти онаа во другите земји. Спуштајќи се наземи, некои од првите нешта што паѓаат во очи при резиденцијални престои во западноевропските средини се неспоредливоста помеѓу тамошните тиражи и финансиската поддршка со оние кај нас. На пример, во Баскија, Друштвото на писатели одигрува суштинска улога во популаризацијата и доближувањето на литературата до секојдневниот човек, но и соработката на тамошните со книжевниците и издавачите од цела Европа. Како дополнителна илустрација би спомнал и дека во некои од градските автобуси, каде што беше тешко да не се најде барем некој со книга в раце, понекогаш имаше вклучен телевизор со вести од културата. Во еден наврат на ТВ-екранот го забележав ликот на еден постар писател со кого имав можност да се запознаам неколку дена претходно, се пренесуваше веста дека е добитник на највисоката национална награда за литература за деца. Оттука е јасно дека доаѓањето во контакт со различни третмани на литературата отвора нови перспективи на умот како на творечки план, така и од аспект на едно своевидно освестување.

Ивана Настеска