Статус
Лејла Сабит
Моќен збор во Македонија и секаде низ светот.
Сè се врти околу него.
Ти отвора врати, те кани на гала-приеми, ти обезбедува прв ред, те носи на егзотичен одмор, ти дава клучеви од мерцедес или џип, те вработува, ти врачува диплома, ти обезбедува грантови, ти дава награди и пензии, гага-пијачки и ручеци, убаво друштво и невидливи телохранители околу тебе, нов стан и викендичка, вечни пријателства и непријателства, офшор-сметки во банки, лажни пасоши, ти кине сообраќајни казни, те спасува од апсења и од затвор, грдиот го прави убав, глупавиот паметен, стариот млад, малиот голем, селјакот граѓанин…
Секој ден ви го проверуваат брачниот, материјалниот, статусот во општеството и статусот на Фејсбук.
Јавноста, државата, сеирџии, добронамерни, злонамерни, познати, непознати, анонимни, славни, на позиција, опозиција, богати, сиромашни, вработени, невработени, боеми, циции, дотерани, без стил, со досие, без досие, чесни, криминалци, партиски определени или неопределени, патриоти и предавници, комуњари и оние другите, случајно, намерно, од љубопитство, или зашто сите така прават.
Статусот е потценет или е преценет.
За некого е нешто неважно, а за некого сè битно.
Можеш да го заслужиш, да се преправаш, да се бориш за него, да го изгубиш, да го нарушиш, ама нема да те направи подобар човек.
Тежок е патот до статусот.
Ве демнат опасности и многу (не)познати.
Или ќе ве однесе до врв или на дно.
Вие избирате.
Ова е Македонија. Секое чудо за три дена!