Старлета
Лејла Сабит
Животот не е филм, ама сите живееме во некој филм.
На секој му се случува сапуница или трилер, комедија или трагедија – и тука, и во Холивуд, и во Боливуд.
Јавно, зад затворени врати, очекувано, неочекувано, цивилизирано, со трауми, со насмевка или со солзи.
Во животот, како и во филмот, некој само снима, некој глуми, некој парадира, некој режира, некој финансира, некој игра главна улога, некој статира, некој е во публика, некој оценува, некој е во жири, а некој доделува награди…
Некој е професионалец, а некој аматер, некој ѕвезда, а некој дебитант.
Некому животот и филмот ќе му донесат слава или анонимност, некому пари или празен џеб, некому пријатели, а некому непријатели.
За некого животот и филмот се егзистенција, за некого престиж, а за некого само црвен килим.
Во животот, како и во филмот, некогаш ќе доживеете овации, некогаш аплаузи, а некогаш ќе бидете исвиркани.
Нашиот живот е сведоштво на едно време, често си велиме, како славниот југословенски филм „Се сеќаваш ли Доли Бел?“
Во светот е успех е да успееш во Холивуд и во Боливуд.
Со мака, со труд, преку врски или кревет, со академија или со талент, да те откријат или да те послужи среќа.
Ама место на легенди, ова е време на старлети.
На ѕвездички кои не знаете што работат, а се познати.
Кои треба да глумат епизодни, ама играат главни улоги.
Не се најубави, а ги има во сите медиуми.
Не се најпаметни, а сите им бараат изјави.
Не се најзабавни, а се опкружени со моќници.
Немаат дипломатски речник, а се магнет за политичари.
Не знаат за дрес-код, а купуваат само брендови.
Не се сами, а се придружба.
Фала богу, по мноштвото старлети, во Македонија ќе ни дојде филмска легенда.
Клаудија Кардинале ќе нè почести на „Браќа Манаки“ во Битола.
Овој филм има среќен крај, нели?