Со кредит ќе се крпат долговите на општините, скопски Карпош урива рекорди


Скопската општина Карпош е една од десетиците локални самоуправи во државава која ќе се спаси од финансиски колапс благодарение на Владата. Премиерот Зоран Заев вчера најави дека Владата одлучила да земе кредит во висина од околу 120 милиони евра во име на локалните самоуправи за да ги намират наследените долгови. Владата веќе почнала преговори со меѓународните и домашните кредитори. Пресудно за тоа каде ќе се задолжи државата е каматната стапка.

„Државата ќе земе кредит, ќе го пренесе на општините да ги исплатат своите обврски кон добавувачите и тоа е околу 120 милиони евра. Самиот кредит ќе го враќаат општините на 15-20 години. Очекуваме 2 до 3 отсто каматна стапка која во споредба со денешните 13 отсто што ја плаќаат општините како затезни камати кои се доспеани за долговите. Веруваме дека така ќе ги растовариме и ќе може да напредуваат во иднина“, изјави вчера Заев. Тој се надева дека на тој начин општините ќе се растоварат од притисокот и ќе добијат ветер во грб.

Неколкупати градоначалниците на најзадолжените општини посочуваа дека долговите им се наследени, а биле резултат на недомаќинско работење на претходните општински власти. Долговите се таложеле бидејќи градоначалниците нереално ги планирале буџетите, притоа не ги сервисирале евидентираните долгови, а некои од нив и покрај блокирани сметки не запирале со нови вработувања. Иако се наоѓале во тешка финансиска состојба и законски биле обврзани да прогласат финансиска нестабилност, никој од градоначалниците не го направил тоа.

Во меѓувреме, од Владата велат дека стабилизирање на општините ќе се овозможи и со тоа што дел од општините ќе можат сами да управуваат со државното градежно земјиште. Досега 46 општини се стекнаа со право на управување со државното градежно земјиште. Добија надлежност и без да бараат согласност од Владата да ги решаваат постапките за легализирање на дивоградбите на државно земјиште, а со тоа да овозможат поголем прилив на пари од даноци на имот.

Во наредниот период се планира општините сами да управуваат и со домовите на културата, сами да градат и ревитализираат образовни институции, здравствени домови за превентивна заштита, управување со шумите и земјоделското земјиште, а ќе треба и сами да градат и локални и регионални патишта.

Скопски Карпош урива рекорди – должи 16 милиони евра

Скопската Општина Карпош е најзадолжена општина во државава. По основ на ненамирени обврски кон добавувачи, кредити, долгорочни заеми, судски решенија и камати има долг од речиси 16 милиони евра. Сето ова претставува сериозен проблем за непречено функционирање на Општината во сите сегменти. „Со услугата што ќе ни ја направи Владата, значително ќе мрднеме од мртва точка. Повеќе од јасно е дека не секоја општина ќе добие пари за целосно покривање на долговите, туку пари ќе се доделуваат врз основа на некој утврден процент. Во меѓувреме, ние како локална самоуправа ќе продолжиме со домаќинско работење, за да конечно се исправиме на нозе и можеме непречено да ги реализираме ветените проекти“, изјави градоначалникот Стефан Богоев за „Независен весник“. Според него, претходниот градоначалник иако имал основа, па дури бил и обврзан да прогласи финансиска нестабилност на Општината, тоа не го направил. Напротив, започнал со нови проекти, па дури и непотребно вработувал нови луѓе во Општината.

Во милионски суми се дават и Охрид и Куманово, како и општините од источниот регион. Половина се со блокирани сметки и имаат пари речиси само за плати и секојдневни тековни обврски. Најкритична е состојбата во Делчево, Берово, а ништо подобро не е ниту во Општина Кочани.

Деспина Трајковска-Димова