Состанок со историјата
Ерол Ризаов
Македонија и Грција имаа непосредна средба со историјата на Преспанското Езеро. Премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев потпишувањето на договорот го прогласија за историски чин не само во односите меѓу двете земји, туку и многу пошироко на Балканот и во Европа. Колку и да изгледа еуфорична и пренагласена оваа констатација, посебно кога балкански политичари прават историја, таа сепак е точна, бидејќи двете страни имаат во рацете валиден и солиден документ кој е одржлив на долг рок.
Ако се заврши работата како што предвидува договорот, тогаш победниците ќе ја пишуваат историјата не како што тие сакаат, туку како што наложува времето како најнепристрасен судија, но и современите историчари, вистински научници, неоптоварени со национализам и идеологија, најголемото зло на Балканот. Потписниците и креаторите на договорот еден ден ќе заминат од власта и од политиката, но трајноста или, пак, епизодната улога на нивното творештво останува. Најточната оценка ќе ја дадат граѓаните кои ќе бидат современици и учесници во процесите на европеизација на ова последно парче напатена земја, која со векови го носеше името „јаболко на раздорот“.
Потписите на министрите Никос Коѕијас, Никола Димитров и на медијаторот на ОН, Метју Нимиц, го означија почетокот на новата ера за Македонија и за Грција, извесна иднина која навестува мир и побрз развој, прогрес, подобар живот за граѓаните, послободни и подемократски општества, европска перспектива за сите земји и народи од Западен Балкан. За шест месеци интензивни преговори и силна политичка волја, со храброст и визионерство затворено е едно мачно, тешко и три децении долго поглавје од темната страна на историјата. Во право се и тие што велат дека двете земји се на добар пат да ги отстранат и идеолошките заблуди и трагични последици кои оставиле тешки наслаги и патила во главите на многу Грци и Македонци.
Договорот, кој има отстапки и болни компромиси, сепак е подобар за сите кои очекуваа и посакуваа решение, а полош за сите кои не сакаа решение. Тие што ја гледаат Македонија како држава вечно под нивна управа како тврдина на организираниот криминал и корупцијата, како држава на мафијата, не сакаат загрозување на таквиот суверенитет, не сакаат конкуренција во ниту една област, не сакаат натпревар на меѓународниот пазар, не сакаат мешање од која било страна која инсистира на владеење на правото и на парламентарна поделба на власта и контрола. Тие структури денес и во Грција и во Македонија организираат протести и демонстрации, организираат маршеви, прогласуваат предавници и платеници, бараат отфрлање на договорот.
И во Грција и во Македонија, кај двете страни кои не сакаат никаков договор, има две константи: прво се бараше прекин на преговорите денес се бара отфрлање на „предавничкиот пакт и капитулација на земјата“. Втората константа е што тие ретроградни сили никогаш не нудат решение. Тие не бараат ништо друго, туку популистичка поддршка да се вратат на власт. Тоа им е најважно за веќе стекнатиот нов антички идентитет. Притоа се служат со најпримитивни и највалкани методи и шпекулации фабрикувајќи секој час нови и нови лаги колку е штетен договорот, кои тие никогаш не можеа да го склучат бидејќи беа инцидент на историјата.
Помеѓу две судења како обвинет за десетина тешки кривични дела се огласи бившиот премиер на Македонија, Никола Груевски, да ѝ приопшти на јавноста, по цели девет години задоцнување, дека во 2009 година имал на масата подобар договор од овој, ама, ете, од патриотски причини го одбил. Ајде сега оди па не крсти се со две раце. Не знае човек што е полошо – дали ова да е лага или вистина. Груевски нема појаснување зошто кога имал подобар договор не го прашал народот, како што сега инсистира на гласност и транспарентност. Каде е тој договор, што не го објави, со кого го договарал… со Караманлис или со Папандреу. Јавноста, иако со кратко памтење, се сеќава на тие штури соопштенија дека премиерите на двете земји се сретнале и разговарале. И толку, ни збор повеќе. Така, Груевски на премиерската фотелја остана подолговечен од тројца грчки премиери, но ниту еднаш не соопшти дека имал некоја понуда за која треба да го сподели мислењето со некого во земјата. И сега човекот раскажува патриотски басни дека имал во џебот подобар договор. Во Грција се појави со слична спектакуларна изјава мадам Бакојани, која вели дека оваа грчка влада направила катастрофална грешка нудејќи нешто што ниту една грчка влада не понудила. Министерот Никос Коѕијас излезе со пишани документи пред јавноста дека името Северна Македонија било прифатливо за повеќе грчки влади. Можеби Груевски мисли на некои идентитески позиции непознати досега бидејќи со овој договор од Преспа се признаени и националната припадност на Македонците и македонскиот јазик.
Претседателот на државата Ѓорге Иванов е посебна трагикомична фигура кој најверојатно по референдумот и по одбивањето да стави потпис за членство на Македонија во НАТО ќе се најде на обвинителна клупа за повеќе кршења на уставните одредби и за поттикнување на обид за државен удар што се случи лани на 27 април по неговото противуставно пролонгирање да го даде мандатот на партиите кои обезбедиле мнозинство во парламентот.
Во суштина, референдумот во Македонија ќе биде историски бидејќи тоа општонародно изјаснување ќе ги збрише сите кои Македонија ја влечат назад во сиромаштија, во беда и во примитивизам. Кога над 80 проценти од граѓаните ќе кажат ДА за Договорот, ДА за членство во НАТО, ДА за почеток на преговори со ЕУ тоа ќе биде дефинитивен крај и последен удар врз остатоците од режимот на Груевски. Референдумот нема да биде некаков хорор со сеење омраза и закани кон Македонците кои се определуваат за европска иднина, ниту омраза кон Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите (како што сега се слушаат фашистичките слогани на слабо посетените протести кои ги организира ВМРО-ДПМНЕ), туку ќе биде празник и голема манифестација на единство против заостанатоста, против носителите на режимско управување со државата, против носителите на криминалот и корупцијата. Тоа ќе биде референдум за влез во светот на прогресот и демократијата, за влез во европската цивилизација. Историските процеси за европеизација, односно од Балканец да се направи Европеец можат да траат во некои тешки случаи и по сто години, но членство во ЕУ и во НАТО се најдобрата гаранција дека тие процеси можат многу да се забрзаат.
И уште една многу значајна вест за загрижените за идентитетските обележја. Нема подобро место за зачувување на националната и јазичната и културната посебност од Европската Унија. На тие темели е изградена современа Европа, на зачувување на тоа богатство од разновидност. Досега ниту еден народ, ниту една вера, ниту еден јазик не исчезна кај земјите членки на ЕУ ниту, пак, се распадна некоја членка на НАТО. На тоа семејство припаѓа и Македонија. И географски и културно и политички и економски. Друг подобар избор нема. Затоа само напред, враќањето назад е тежок пораз и распад.