Соочување со демоните
Љупчо Поповски
Поставторитарна Македонија за неверојатно кусо време повторно се соочува со своите демони – националистичкиот патриотизам, етничкиот јаз, недовршената транзиција, немоќта на институциите, огромните очекувања на гневните и оној најважниот: проблемот со името. Можеби некој ќе забележи дека решението на проблемот со името не е дел од ова, затоа што е инструментализирано однадвор за да се скрши кревката гордост на еден мал народ. Но, токму демонизирањето на преговорите ја подјадува кохезијата на овдешните граѓани и ги поттикнува најрадикалните популистички елементи.
Протестите за време на викендот во Македонија и во многу други светски градови може да се оценуваат по нивната бројност, запаливите пораки или националистичката иконографија, но тие не треба да се потценуваат ниту да се игнорираат. Особено не кај двете главни македонски партии и во Атина. Големо прашање е што сакаат сиве овие години властите во Атина? Нестабилна држава на нејзината северна граница, каде што поминува сообраќајниот крвоток на Балканот, со можност таа безбедносно да крахира? Или преку фер договор со Македонија, Грција да ја врати улогата на Пиемонт на Балканот, чии искуства и економски ресурси ќе бидат образец за другите нации. Навистина е нејасно зошто Атина, кога се отворија прозорците за нови можности околу решение за името, наеднаш ја подигна летвичката во влогот за да ги доведе властите во Скопје пред разочарувачка одлука дека решение, сепак, не е можно. И дека ќе треба да поминат уште барем 20 години.
Како поинаку да се објасни изјавата на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос во која тој објасни како треба да изгледа промената на македонскиот устав – да се прифати име што нема да упатува на етничка припадност надвор од границите на Македонија ниту, пак, на јазик надвор од тие граници, што би предизвикал малцински права. Овие зборови на Павлопулос ја исцртаа суштината на грчките барања. Павлопулос со децении е во врвовите на грчката политика, беше министер за внатрешни работи во десничарските влади, а парадоксално, за претседател го предложи левичарскиот премиер Алексис Ципрас. Грчките претседатели, по обичај, секогаш биле порадикални од владите во Атина, затоа што ја имаат слободата нивните зборови да учествуваат во конципирањето на стратегијата, но не и да бидат наведувани како дел од владините политики.
Доцнењето на посетата на Никос Коѕиас во Скопје, со предлог-договорот што се подготвува во Атина, е јасен знак дека оптимизмот пред и по средбата во Давос наеднаш почна да се топи како топка снег на сонце. И ги соочи македонскиот премиер Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров со грубиот факт дека само оптимизмот не може да го реши проблемот со името. И покрај спектакуларната изјава на Заев дека Владата е подготвена за име со географска одредница. Изјава каква што јавно нема дадено ниеден македонски политичар уште од обраќањето на Киро Глигоров во Собранието есента 1992 година. Веројатно тоа е и соочување со реалноста, дека стартните позиции на Македонија во овие преговори се десетина басамаци подолу како резултат на ригидната политика кон Грција последниве десетина години.
Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христина Мицкоски, наспроти постојаното повторување на фразите за „политичкиот терор“ што се случувал во Македонија и за „криминално-тендерската влада“, пред некој ден на собирот на Унијата на жени на партијата рече дека на Македонија ѝ е потребна нова генерација луѓе, кои конечно ќе ги поразеле старите корумпирани политичари и ќе ги пензионирале. И дека математички прецизната политика на новото ВМРО-ДПМНЕ не била можна без меѓународни конекции и пријателства. Така функционира модерниот свет. Тој „модерен свет“ половина година унисоно повторува дека Македонија мора да најде решение за името во преговорите со Грција. На новото вмровско раководство јавноста треба да му признае дека ги стави под мраз националистичките пароли во спорот за името и повеќе премолечно отколку јавно ѝ даде поддршка на Владата во овие преговори.
И, за тоа плати одредена цена. Она што беше поттикнато однадвор, од дијаспората, овде сега се тркала по рабовите на политичката арена и полека влегува во нејзиниот центар. Прво добро посетениот протест пред седиштето на мисијата на ЕУ и пред Собранието, а потоа и масовниот собир на главниот скопски плоштад покажаа дека во Македонија се собира една маса граѓани чија водилка е национализмот во сите негови облици. Од протест за притворените за настаните од 27 април, преку целосно несогласување со законот за јазиците до главната нишка која ги поврзува сите овие луѓе – можниот договор со Грција. ВМРО-ДПМНЕ јавно се огради од овие протести, иако можеби на одреден начин преку споредни канали помогнало при организацијата (заедно со неколку најави на негови истакнати членови).
Впечатокот од протестите е дека е во тек преструктуирање на десниот спектар од политичката сцена. Внимателната игра околу спорот за името на новото вмровско раководство (особено по патувањата на Христијан Мицкоски во Брисел и во САД) е поради опасноста партијата да загуби значаен дел од гласачката структура, која години и години и беше песпоговорно наклонета. „Тврдокорните“, кои се најистрајни во овие протести, веќе зачекорија на патот тампониран од страната на европските популисти. Иако тие тоа можеби го прават повеќе инстинктивно отколку со некоја разработена идеологија, суштината е иста – Македонците прво (сите други треба да играат во втората лига) и отворена наклонетост кон Москва. Во македонскиот случај тоа е дури и изречно експлицитно – новобрендираната партија Единствена Македонија (со комплетно исто лого како и Путиновата – Единствена Русија) во својата раководна структура го вклучи и лидерот на „Тврдокорните“. Оваа партија произлезена од Народното движење на Македонија на Јанко Бачев повеќе години беше на периферијата на македонската политичка сцена (иако на локалните избори освои респектабилни дваесетина илјади гласови), но сега со проширувањето на просторот од каде што може да ги црпи новите контингенти гласови на следните избори лесно може да влезе и во парламентот.
На левиот спектар нема такво позначајно преструктуирање (Левица е слаба, некоординирана и лабаво идеолошки скрпена дружина), но популистичкиот дел од овој кампус повеќе се повлекува во апатична илегала, поттикнат од разочарувањето од новото време, и веќе размислува како би ја одмерил казната за СДСМ на следните избори. Важен дел од оваа група која му ги даде гласовите на СДСМ на локалните избори сега се чувствува напуштен, затоа што имаше очекувања за брзи резултати. Тие очекувања се потпираа на ветувањата за револуционерни промени без да се знае реалната длабочина на калта во која е заглавена Македонија и без да се оценат комплицираните односи во владината коалиција, која многу често е како екипа која се вози на два различни колосеци.
Политиката е брутална – не неколку месеци, туку само една недела може да направи драматичен пресврт во перцепциите и она што изгледало како цврст гранитен терен („живот за сите“) наеднаш може да се претвори во непознато мочуриште. Иницијалната каписла за соочувањето со демоните на македонските граѓани се преговорите за името и засилувањето на реториката на преголеми барања, па и непопустливоста од Атина. Македонија, на одреден начин, се наоѓа во времето како пред самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Оптимизмот со кој е задоена Владата, и во кој сакаат да веруваат и граѓаните, може да се претвори во големо разочарување ако преговорите со ЕУ и членството во НАТО и овој пат останат недостижни, и покрај концесиите што кабинетот на Заев јавно ги обелодени, ставајќи го во ризик целиот политички проект. Во овој момент никој не знае што е доволно за Атина и дали таа свесно го поттикнува враќањето на популистичките и националистичките демони во Македонија. А, во исто време, попушта чекор по чекор пред грчките националисти. Дали тоа значи дека двете земји ќе се фатат на истото оро со две различни музики како по 2008 година? Но, да видиме – можеби разумната политика ќе ги победи стереотипите и опседнатоста со минатото.