Собранието во обид да профункционира – за почеток кадровски решенија
Првпат од почетокот на овој месец, пратениците ќе се соберат утре на седница, по денешната координација на претседателот на Собранието Талат Џафери со шефовите на пратеничките групи. На координацијата не присуствувал повторно претставник на ВМРО-ДПМНЕ, така што е извесно дека и утрешната нова седница ќе почне без опозицијата, така што мнозинството ќе треба да обезбеди кворум за работа и за изгласување одредени предлози, по низата службени патувања и настани во странство на пратениците во изминатите неколку седмици.
На дневен ред на новата седница се најдоа конечно трите предлози за потпретседатели на парламентот: Фросина Ременски (СДСМ), Горан Мисовски (НСДП), Весел Мемеди (НДП), за кои се обезбедени по дваесет пратенички потписи, а за кои на седницата треба да се обезбедат најмалку по 61 глас. Пратениците треба да се изјаснат и за предлогот на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ за објавување оглас за избор на нови членови на ДИК, така што е прашање дали опозицијата ќе биде присутна при одлучувањето за оваа точка.
На дневен ред на 34 седница има и други кадровски прашања, ратификации на неколку билатерални договори, дел од реформските закони од областа на правосудството, како и неколку закони поднесени од пратеници, меѓу кои и измени на Изборниот законик. Овој предлог се однесува на регулирање на проблемите при поднесувањето на финансиските извештаи на партиите и надоместоците за изборните трошоци.
За утре е закажана и седница на Комисијата за избори и именувања, со која претседава Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, ама минатиот пат Џафери го овласти Хари Локвенец од СДСМ да ја води седницата, поради бојкотот на опозицијата. Низ оваа комисија прво треба да поминат новите предлози за избор на еден уставен судија, на членови на Советот на јавни обвинители, како и на членови на Комисијата на Агенцијата за пошти.
Утре треба да заседаваат и Законодавно-правната комисија и Комисијата за надворешна политика, а закажано е и продолжение на 26. седница, на чиј дневен ред е останата само уште една точка.