Сите наши непријатели
Ерол Ризаов
Како што расте поддршката на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ и нејзината интеграција со Европа, така расте производството на непријатели во патриотските фабрики кои ја бранат Македонија од белосветските непријатели и домашни предавници да не направат геноцид врз македонскиот народ. Колку што е посилна и поверодостојна поддршката на светската политичка елита, на најмоќните држави и државници и на сè поголем број граѓани, толку е посилна ѓурултијата што ја креваат попречувачите на иднината на својата татковина и на поколенијата. За овие луѓе, кои го изгубиле патот во сопствениот двор, сега веќе сите што ни даваат поддршка се непријатели, а тие што отворено ни се закануваат дека не смееме да влеземе во НАТО и нè убедуваат дека ЕУ нè лаже само колку да ни го избрише идентитетот за да исчезнеме, само тие се нашите вистински пријатели.
Човек да не може да се изначуди како теориите на заговори на целиот свет против Македонија сè уште наоѓаат приврзаници. Напластените трауми низ вековите, прифаќањето да се биде вечна жртва и страдалник уште ги одржуваат жарчињата на сомнежите дека сите ни се непријатели и кога се на наша страна и кога ни нудат поддршка. Така, нашите најголеми поддржувачи, инвеститори, економски партнери и донатори се прогласуваат за непријатели, а тие што сакаат да ја вратат Македонија во минатиот век се вистинските пријатели.
Не знам дали до 30 септември, до денот на референдумот, ќе остане некој од демократскиот свет што нема да ѝ даде поддршка на Македонија и на нејзините граѓани да се определат за иднината и за членство во ЕУ и во НАТО. Можно ли е да се верува дека сите тие нè лажат. Дури и кога Ангела Меркел среде Скопје застана цврсто зад Македонија како гарант за нејзината европска припадност и влез во европското семејство. И кога премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, прва дотрча со поддршка по Самитот на ЕУ и Западен Балкан во Софија, и кога претседателот на Франција, Емануел Макрон, ќе се огласи до граѓаните на Македонија, и кога американскиот претседател Доналд Трамп испрати јасна порака дека вратите на НАТО се отворени и дека Америка го поддржува влезот на Македонија во ЕУ, кога сите западноевропски земји до една и кога сите соседи заедно со сите членки на ЕУ и НАТО ни викаат добредојдовте во клубот, ние да се сомневаме дека зад тоа се крие измама, капитулација на Македонија и геноцид врз македонскиот народ.
Ако се разбирливи донекаде стравувањата и сомнежите на обичните луѓе поради отстапки во договорот со Грција, ни малку не се разбирливи пропагаторите на бојкот на референдумот со правни толкувања кои, всушност, се диверзии против влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ. Сите тие одлично знаат дека договорот е предуслов за влез во НАТО и за отпочнување на преговорите со ЕУ и зголемената финансиска и секоја друга поддршка на Македонија. Сите тие пропагандисти, исто така, добро знаат што ќе се случува со Македонија ако таа е самата виновна за одбивањето на оваа можност и ако го поништи, односно ако се откаже од договорот. Со жалење, но и со олеснување, многу од овие земји и државници ќе кренат раце од Македонија.
Сите тие што се длабоко навлезени во кампања за бојкот на референдумот добро знаат дека најголемите опозициски партии и во Грција и во Македонија во битките за превласт им ветуваат на своите приврзаници подобар договор од сегашниот. Така, Кирјакос Моицотакис, лидерот на опозицијата во Грција, им вели на незадоволните Грци дека договорот е штетен и е против националните грчки интереси. Мицотакис вели дека северниот сосед го задржа суштинското име Македонија со недоволно значајна и јасна додавка која означува страна на светот. Македонците остануваат Македонци, јазикот останува македонски, што е шокантно за обичниот Грк, а да не зборуваме за грчките националисти. Ова децидно го кажува не само Мицотакис, туку и еден од најголемите борци за правата на Македонците во Грција, лидерот на „Виножито“, нам добро познатиот Павле Васкопулос, кој промптно го поддржува договорот од Преспа нарекувајќи го историски, се разбира, доколку дојде до негова реализација.
Кирјакос Мицотакис вели не треба да се брза со склучување договор, во некое идно време ќе се создадат подобри услови каде што Грција нема да прави никакви отстапки.
Истото го зборува и нашиот Христијан Мицкоски, кој веќе го доби прекарот Мицкотакис поради истиот став со својот грчки колега. И тој вели договорот е капитулантски и неприфатлив за македонскиот народ, дека се направени недопустливи штетни отстапки. И сега, дали може барем еден човек во државата да поверува дека овие двајца, ако станат премиери, можат да направат подобар договор од овој. Во изминатите 27 години и во Грција и во Македонија се сменија десетици премиери и влади. Никогаш не се најде заеднички прифатливо решение, освен премиерите и владите на Алексис Ципрас и на Зоран Заев. Многу поверојатно е дека и во наредните децении ќе нема никакво решение, отколку некакво прифатливо решение, особено ако за тоа светот ја означи Македонија како виновна. Ова јасно и гласно без дипломатски речник ни го кажаа сите државници што деновиве ја посетија Македонија да дадат поддршка за успешен референдум и гаранција дека ќе си стојат на зборот.
Затоа, најопасната заблуда што ја сеат пропагаторите за бојкот на референдумот е ординарната лага дека тие се за влез во ЕУ и во НАТО, но дека договорот е неприфатлив. Не само што тоа членство е неможно без прифаќање на договорот, туку нема никакви шанси ниту да се направи подобар договор ниту, пак, тој да се прифати ако веќе еднаш се одбие, затоа што носителите на овој договор нема да ја имаат истата можност. Историска шанса е договорот, кој веќе е потпишан и усвоен во парламентот на Македонија, да биде поддржан и на референдумот, со што се определува европската иднина на Македонија.